Судија во САД даде наредба Ар Кели да остане зад решетки без можност за кауција откако заменик јавниот обвинител рече дека пејачот и понатаму претставува опасност за општеството ако биде ослободен.
„Ако во 1999 година го привлекувале средношколки, тогаш уште го привлекуваат девојки на таа возраст. Тој е способен да ги намами во неговиот дом“, рече помошник јавниот обвинител Ејнџел Крул во судницата.
Ар Кели беше уапсен минатата недела во Чикаго по основ на нови обвиненија за сексуални престапи кои тој ги негира.
Портпаролот на Јавното обвинителство на САД Џозеф Фицпатрик тогаш соопшти дека во обвинението поднесено во федерален суд во Илиноис има точки за детска порнографија и попречување на правдата.
„Меѓу обвиненијата има точки за производство, поседување и дистрибуција на детска порнографија, подведување малолетници, попречување на правдата и трговија со секс робинки“, рече Фицпатрик.
Ар Кели денеска се појави во судницата во портокалов затворенички комбинезон, со лисици на зглобовите и на глуждовите и пред судијата рече само „Да, господине“ на прашањето дали ги разбира обвиненијата.
Тој се изјасни за невин по сите точки од обвинението. Ако биде прогласен за виновен по сите обвиненија, 52-годишниот Ар Кели би можело да остане во затвор до крајот на животот.