Вести

Археолози случајно открија совршено зачувани мумии стари 3.000 години

21. октомври 2019 - 17:39 | А.С.

Тим египетски археолози завчера отворија шарени ковчези украсени со цртежи и гравирани натписи и внатре најдоа совршено зачувани мумии.

Откритието е дополнително интересно ако се земе предвид фактот дека триесетте ковчези беа најдени сосема случајно.

Ковчезите беа најдени под насип зад некрополата Асасиф на западниот брег на реката Нил, изјави Мостафа Вазири, генерален секретар на Врховниот совет за антиквитети на Египет.

„Многу сум среќен што египетски раце се заслужни за ова откритие“, рече Вазири за NBC.

Археолозите вршеле сосема неповрзано ископување, кога еден член на тимот забележал нешто што личело на капак од ковчег. Продолжиле внимателно да копаат и ги нашле 30-те ковчези наредени во два слоја само неколку метри под слојот песок.

Се проценува дека ковчезите и мумиите во нив се стари 3.000 години, а телата се на мажи, жени и деца кои најверојатно биле свештеници во Древен Египет.

Министерството за антиквитети на Египет рече дека ова е едно од најголемите и најзначајните откритија во изминативе години.

Полот на мумифицираните луѓе се одредува по формата на дланките – жените биле мумифицирани и погребувани со отворени дланки, додека мажите со затворени, објаснува Вазири.

Некрополата Асасиф се наоѓа во древнио град Западна Теба. Поголемиот дел од гробовите во некрополата датираат од Доцниот период  што завршил во 332 година пред н.е., но се смета дека новооткриените ковчези се многу постари.

Деталните и живописни цртежи и гравури на ковчезите се смета дека биле направени за да може на некој начин да се надомести за фактот дека не биле закопани во соодветни гробници, рече Вазири. Сличностите во дезените укажуваат дека биле изработени во истата работилница.

Ковчезите се толку добро зачувани бидејќи биле добро скриени од ограбувачи на гробници.

Се очекува ковчезите да бидат изложени во Големиот египетски музеј што ќе биде отворен догодина во Гиза.

Коментирај