Архитектура
New Clark City

Архитектонско чудо: Град што ќе биде отпорен на природни катастрофи

10. август 2018 - 12:12 | Б.С.Б.

На Филипините се гради зелен, неуништлив град чија изградба би требала да трае најмалку триесет години. New Clark City треба да биде град што ќе може да ги поднесе сите природни катастрофи, од поплави до земјотреси и суши.

Многумина веруваат дека порано или подоцна Манила ќе биде уништен од земјотрес, така што новата идеја за ваков град е сфатена како резервна метропола. New Clark City ќе биде поголем од Менхетн и во него ќе можат да се сместат 1,2 милиони луѓе. Освен што ќе може да поднесе тајфуни, зејотреси и поплави во градот ќе има минимално загадување.

Ќе се користи соларна енергија, отпадот ќе се претвора во енергија, а јавниот превоз ќе биде многу ефикасен со цел да се редуцира потребата за автомобили. Притоа ќе се користи и лахар, природен материјал со густина и цврстина на бетон, а настанува како последица од вулкански активности.

Новиот град ќе биде на подобра локација од Манила, ќе биде помалку чувствителен на поплави. Околните планини ќе го штитат градот од силни ветрови и тајфуни, но ќе биде во близина на вулканот Пинатубо. Според професорот Келвин Родолфо од Универзитетот Илиноис во Чикаго, близината на вулканот би можело да претставува проблем. Последната катастрофална ерупција се случила во 1991 година, но експертите сметаат дека такво нешто нема да се повтори во наредните стотина години.

Државата ќе оддели 2 милијарди долари за првата од петте фази за изградба на градот. Проектот е веќе започнат, се градат спортски комплекс, згради и деловни згради кои би требало да бидат функционални до почетокот на Азиските игри кои ќе се одржат на Филипините во 2019 година.

Првата фаза терба да биде готова до 2022 година.

Коментирај