Македонија

АРМ одбележува 25 години од формирањето

18. август 2017 - 10:40 | Макфакс

Армијата на Република Македонија денеска одбележува 25 години од формирањето.

Централната свеченост ќе се одржи во 19 часот на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, во присуство на претставници од државни институции, локални самоуправи, амбасади, граѓански здруженија и други.

На свеченоста, според најавата од канцеларијата за односи со јавност на АРМ и МО, ќе се обратат претседателот Ѓорге Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, по што ќе бидат одликувани командата за обука и доктрини, баталјонот за почести и четвртиот механизиран пешадиски баталјон од првата механизирана пешадиска бригада.

На почетокот на централната прослава од касарната „Илинден“ ќе се изврши почесна стрелба со лансирање 10 плотуни од артилериски орудија.

На воениот стадион во Градскиот парк во Скопје, пак, од 9 до 19 часот е поставена целодневна изложба на борбени средства, техника и воена опрема на АРМ. Во текот на изложбата ќе бидат изведени и показни вежби од страна на припадниците на полкот за специјални намени, баталјонот за почести и центарот за обука и дресура на кучиња.

Во армиските гарнизони ќе се одржат воени свечености проследени со тактичко-технички збор на вооружување и опрема на единиците. Пред зградата на МО и ГШ на АРМ ќе се одржи и свечен собир на вработените и ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители од 2001 година. На свеченоста ќе бидат прочитани и наредбите за унапредените, наградените и пофалени припадници на ГШ на АРМ и МО, а пред стројот обраќање ќе има министерката за одбрана.

Коментирај