Свет

Армагедон во Бостон - Ако имате плин дома, веднаш излезете од куќата!

14. септември 2018 - 9:51 | А.С.

Низа експлозии и пожари го потресоа Бостон вчера доцна попладне по локално време. Десетина станбени населби беа зафатени од стихијата што се рашири во неколку предградија северно од Бостон, а стотици луѓе беа евакуирани поради течење на плин, извести полицијата на сојузната американска држава Масачусетс.

Во експлозиите има најмалку една жртва, а повеќе луѓе се повредени.

Весникот „Ист игл трибјун“ на својата веб-страница објави дека во експлозијата и пожарот во една куќа во предградието Лоренс има повеќе повредени.

Полицијата преку Twitter извести дека е рано да се шпекулира за можната причина за инцидентите, но локалните медиуми веќе пренесуваат дека најверојатно се работи за дефект на гасоводот поради преголем притисок што предизвикало верижни експлозии.

Експлозии и пожари има во Лоренс, Ендовер, Северен Ендовер и Метуен, северно од Бостон.

Ако имате плин дома, веднаш излезете од куќата!

„Ги молиме сите кои имаат плин во нивните домови, веднаш да гo исклучат доводот на плин и да ги напуштат живеалиштата и да чекаат понатамошни инструкции“, предупреди управителот на Северен Ендовер Ендру Мејлор за локалната телевизиска станица.

Државната полиција соопшти дека пријавени се вкупно 39 експлозии и пожари, но се очекува бројката да расте. Сите жители на засегнатите населби кои ги користат услугите на компанијата за природен гас „Колумбија гас“, се предупредени да се евакуираат додека не заврши постапката за декомпресија на гасоводот.

ФБИ исто така отвори истрага и во координација со полицијата прави проценка на ситуацијата.

Локалните пожарникари рекоа дека „глетката потсетува на Армагедон“.

„Поминав 39 години во Протоивпожарната служба и никогаш не сум видел ништо слично во војата кариера“, рече Мајкл Менсфилд, началник на Противпожарната служба во Ендовер.

Коментирај