Фудбал

Арсенал не го ангажирал Хари Кејн, бидејќи бил „дебелко“

12. февруари 2018 - 19:24 | М.Д.

Напаѓачот на Тотенхем, Хари Кејн, дефинитивно важи за еден од најдобрите, а според многумина дури и најдобар напаѓач во изминативе неколку сезони на Островот. Сепак, како осумгодишно дете пропуштил шанса да оди на проба во Арсенал поради вишок на килограми.

„Топџиите“, тогаш, сметале дека Хари Кејн нема доволно добри атлетски предиспозиции, вели Лијам Брејди, некогашен директор на академијата на Арсенал.

Сосема сигурно е дека Арсенал има за што да жали, бидејќи тоа е нешто што подоцна го искористи најлутиот ривал на Арсенал, Тотенхем, за кого сега и настапува овој 24-годишен „дебелко“ стрелец на 101 погодок во Премиер лигата за „Петлите“.

„За жал да. Тој беше „дебелко“ момче и немаше атлетски предиспозиции, но се чини дека сите сме виделе погрешно. Дури и Тотенхем го позајмуваше во пониските лиги три или четири пати. Но, со својата одлучност тој гради огромна кариера и тоа го заслужува. Тоа момче има карактер кој секогаш го тера да напредува“, изјави Лијам Брејди за англиските медиуми.

Брејди, фантастичниот напаѓач на Тотенхем го става рамо до рамо со Кристијано Роналдо, Лионел Меси и Роберт Левандовски, бидејќи како што вели тој „бројките така зборуваат“.

Уште еден доказ за лошата одлука на Арсенал во врска со Кејн, меѓу другото, се виде и на последното дерби кое се одигра изминатиот викенд, кога Кејн го постигна единствениот погодок во победата на Тотенхем од 1:0.

Коментирај