ВД премиерот Талат од Форино дал насоки за нов напад од некаков си секретар на Владата, кој подеднакво не знае што му е работата, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.

„Знаат пред некој ден да склучат договор од 2,2 милиона евра за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор. Еве, да ги потсетиме на договорот што го склучиле за одржување и косење на дворот во Влада и тоа за 330 илјади евра!“, додаде Арсовска.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје.
Синоќа од ЈП „Паркови и зеленило“ се огласија дека немаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„За 'независните' медиуми, да потенцирам, не е ова расправија за тоа чија надлежност е, тоа е јасно, Владата треба да си го среди своето. За ретките медиуми кои истражија дека извесна фирма 'ТРИСТА ГРУП' секоја година за косење и цвеќиња наплаќа МИЛИОНИ ЕВРА од државните институции, наместо да ангажираат јавно претпријатие за десет пати пониска сума. И уште еднаш, не знам како функционира во Форино, ама во Скопје НЕМА друг да ви го одржува дворот, тоа ќе морате сами!“, заврши градоначалничката Арсовска.