Наука

Астероид со големина на куќа денеска ќе помине покрај Земјата

12. октомври 2017 - 9:40 | К.З.

Голем астероид денеска ќе помине во близина на нашата планета и ќе ги тестира системите за безбедност. Астероидот е со пречник од 30 метри.

Астероидот, наречен „2012 TC4“, првпат беше забележан пред 5 години, и оттогаш научниците предвидуваа дека е прашање на време кога тој ќе прелета во близина на Земјата.

Тој ќе помине на 42.000 километри од Земјата, што е многу блиску до орбитата на Месечината и доволно блиску до Земјата за сателитите да можат да го забележат. Глобална мрежа од телескопи е надлежна да го надгледува објектот додека тој поминува покрај Земјата.

Научниците од НАСА велат дека нема ризик од удар, ниту пак од ризично приближување до Земјата, но самиот лет покрај нашата планета им дава шанса да ги тестираат безбедносните системи.

„Ќе го употребиме овој астероид како тест-субјект за нашите безбедносни системи кои се наменети да не предупредат во случај на слична закана, потоа компјутерски ќе го одредиме летот на самиот објект, за во иднина да имаме претстава каква би можела да биде опасноста од некој астероид кој поминува поблиску до нас“, изјави Пол Чодас, менаџер на лабораторијата на НАСА во Калифорнија.

Големината на астероидот се проценува на околу 15 до 30 метри во пречник, што е прилично мало како за камен кој патува во вселената, но сосем доволно за да предизвика штета доколку влезе во нашата атмосфера.

Коментирај