Специјално подготвениот Aston Martin Vantage GT3 ќе го вози Британецот Робин Шут, кој досега забележа три победи на познатата планинска трка Пајкс Пик (Pikes Peak) во Колорадо, САД.

Од британската компанија Venture Engineering, која е партнер на одделот за тркачки активности на Aston Martin, стигна соопштение во кое е потврдено дека меѓу учесниците на овогодинешното издание на познатата планинска трка Пајкс Пик за прв пат ќе има и автомобил на Aston Martin.
Специјално подготвениот тркачки модел Vantage GT3 ќе го вози трикратниот победник на Пајкс Пик, Робин Шут, кој е воедно и првиот Британец кој бил најбрз на познатото искачување „кон облаците“.

AMR (Aston Martin Racing) го подготви за овогодинешниот предизвик Vantage GT3, чиј 4-литарски битурбо V8 мотор е наместен за ракување на голема надморска височина (од 1.440 до 4.302 метри), а другите доработки на автомобилот што ќе настапи на 25 јуни во класата Time Attack 1 вклучуваат рекалибриран менувач, оптимизирана аеродинамика и намалена маса.

Со премиерниот влез во новата дисциплина, AMR и Venture Engineering веќе потврдија дека Vantage GT3 ќе се најде на листата на учесници на Пајкс Пик и следната година, каде ќе се натпреварува во Unlimited класата на патеката долга 20 километри со 156 кривини.

„Со овогодинешното учество сакаме романтично да се потсетиме на основачот на компанијата Aston Martin, Лајонел Мартин, кој во 1913 година учествуваше на слична трка, Aston Clinton Hill Climb“, изјави Енди Вилиамсон, комерцијален директор на Venture Engineering.
