Фудбал
АНГЛИСКИ ЛИГА КУП 2019/20

Астон Вила го исфрли Лестер, ќе игра Лига куп финале

29. јануари 2020 - 10:13 | Ф.З.

Со гол во судиското надополнување тимот на Астон Вила успеа да го елиминира фаворитот и да стигне до своето деветто финале.

Откако првиот натпревар на „Кинг Пауер“ заврши 1:1, синоќа на „Вила Парк“ во Бирмингем тимовите на Астон Вила и Лестер го решаваа првиот патник во финалето на англискиот Лига куп.

Домаќините уште во 12. минута најавија дека нема лесно да се откажат од борба за трофејот и поведоа преку Мет Таргет.

Лестер не можеше да го најде патот до мрежата на норвешкиот голман Ерјан Ниланд, но конечно тоа му успеа во 72. минута благодарение на Келечи Ихеаначо по одличното проигрување од Харви Барнс.

Кога сите мислеа дека на „Вила Парк“ ќе се играат продолженија, на сцена стапи египетското дуо во редовите на домаќините и тоа во третата минута од надополнувањето. Ахмед Елмохамади нафрли во гостинскиот шестнаесетник каде Махмуд Хасан, попознат по прекарот Трезеге, без размислување од прва ја упати топката кон голот на Каспер Шмајхел и погоди за 2:1.

Лестер остана без планираното шесто финале и прво по 2000 кога и последен пат го освои Лига куп трофејот, додека Астон Вила се избори за своето деветто и прво по 2010 кога загуби во финалето. Астон Вила има 5 троефеи во ова натпреварување, додекиа Лестер има 3.

Во финалето Астон Вила ќе го чека подобриот од гратскиот двобој на Мначлестер Сити и Манчестер Јунајтед кои вечерва (20.45 часот) го играат реваншот на „Етихад“. „Граѓаните“ имаат 3:1 од првиот натпревар.

Коментирај