Наука

Астрономи открија мистериозни радио сигнали кои доаѓаат од длабоката вселена

10. јануари 2019 - 18:13 | К.З.

Телескоп во Канада прими мистериозни сигнали кои се испратени од длабоката вселена, односно далечна галаксија оддалечена 1,5 милијарди светлосни години од Земјата.

Природата и потеклото на 13-те радио сигнали, познати како „fast radio bursts“ (FRB), засега останува непозната, но научниците сметаат дека сите тие доаѓаат од истиот извор.

Ваков настан беше забележан само еднаш претходно, и тоа од различен телескоп.

„Знаејќи дека таму некаде постои и друг, нѐ тера да се сомневаме дека има повеќе од само два извори. А со повеќе сигнали и повеќе извори, имаме повеќе материјал за истражување и тоа веројатно ќе ни овозможи да решиме многу од вселенските сложувалки – од каде доаѓаат и што ги причинува“, вели Ингрид Стерс, астофизичар од Универзитетот на Британска Колумбија.

Оваа серија сигнали беше забележана од опсерваторијата CHIME, која се наоѓа во Британска Колумбија (Канада). Таа е опремена со четири полуцилиндрични антени, секоја од нив висока 100 метри, кои го скенираат целото северно небо секој ден.

Телескопот е во употреба само една година, и за тоа време успеа да ги регистрира овие 13 радио сигнали.

FRB се кратки, брзи осцилации на радио сигнали, кои доаѓаат од далечните краишта на нашиот универзум. Научниците досега имаат откриено 60 еднократни радио сигнали и два сигнали кои се повторуваат, но веруваат дека секојдневно на небото се појавуваат уште илјадници слични радио сигнали.

Коментирај