Авганистанците кои го преживеаја најразорниот земјотрес во последните 20 години, немаат храна, немаат засолниште и стравуваат од ширење на колера.

Епицентарот на земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала од 22 јуни бил во провинцијата Пактика. Повеќе од 1.000 луѓе загинаа, а повеќе од 3.000 луѓе беа повредени. Катастрофалната инфраструктура го отежнува транспортот на повредените во болница, а за транспорт се користат и талибански воени хеликоптери.
Талибанските власти соопштија дека спасувачките операции се завршени. Уништени се бројни куќи, а стотици семејства немаат ниту засолниште. Живеат во импровизирани шатори.
Меѓународните хуманитарни организации испратија помош во Авганистан, кој уште пред земјотресот беше погоден од тешка хуманитарна криза, јавува BBC.
Земјотресот се случи ноќе, кога повеќето луѓе спиеја, а беше почувствуван и во Пакистан и Индија. Следеше откако Талибанците повторно ја воспоставија власта во оваа држава, поради што многу други земји ѝ ја ускратија помошта што ѝ ја даваа дотогаш.