Свет

Австрискиот вицеканцелар Штрахе поднесе оставка

18. мај 2019 - 13:42 | МИА
Виена, 18 мај 2019 (МИА) – Австрискиот вицеканцелар Хајнц-Кристијан Штрахе денеска поднесе оставка на функцијата, откако синоќа беше објавена видео снимката на која се гледа како тој за бизнис услуга бара финансиски надомест од девојка која се претставува како внука на руски олигарх.

Како што јави ДПА, Штрахе по денешната средба со австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека на првиот човек на Владата му ја предал својата оставка, во обид да ја спаси коалицијата меѓу неговата екстремно десничарска Слободарска партија на Австрија (ФПО) и конзервативна Австриска народна партија (ОВП) на Курц.

Иако инсистира дека не прекршил никаков закон, Штрахе призна дека е „крајно засрамен“ од снимката што синоќа ја објави германскиот магазин „Шпигел“, на која се појавуваат Штрахе и потпретседателот на ФПО, Јохан Гуденус, во пијана состојба во разговор со наводната внука на рускиот олигарх, која тврди дека сака да купи удел во виенскиот весник „Кронен Цајтунг“.

Видеото насловено „Дали може да се купи австрискиот вицеканцелар“, го снимиле новинари на „Шпигел“, кои во соработка со колеги од „Зидојче Цајтунг“, му го наместиле целиот случај на Штрахе.

Штрахе им се извини на неговата сопруга и на поддржувачите за, како што го нарече, „мачо однесувањето под дејство на алкохол, со цел да се импресионира атрактивна жена“.

– Се однесував како тинејџер, додаде Штрахе, кој нагласи дека објавувањето на снимката претставува „таргетиран политички напад“ изведен од страна на „криминални мрежи“.

Виенската телевизија О24, меѓутоа, тврди дека Курц донел одлука и планира да објави крај на коалицијата меѓу неговата ОВП и ФПО. Според телевизијата, мнозинството од членовите на раководството на ОВП, како и самиот Курц, се за прекин на коалицијата.

Австриските медиуми претходно оценуваа дека Курц би можел да има полза од скандалот со Штрахе, бидејќи може да ја раскине коалицијата со ФПО и да распише предвремени парламентарни избори, на кои постои голема веројатност неговата Народна партија да обезбеди мнозинство во Парламентот и самостојно да формира Влада. 

Коментирај