Пониската потрошувачка на гориво секогаш е добредојдена, а една од старите возачки навики е спуштање по надолнина со менувачот во неутрална положба, односно „во лер“. Но, дали ова навистина е корисно?
Логиката изгледа едноставна: ако гравитацијата ја врши работата, моторот нема потреба да работи и со тоа се штеди гориво. Сепак, оваа пракса не само што е заблуда, туку и опасна, па во некои делови од светот дури и е незаконска.
Спротивно на општото мислење, возењето по надолнина во лер всушност троши повеќе гориво отколку кочењето со мотор. Кај модерните автомобили со електронско вбризгување на гориво, кога се спуштате во брзина, а педалата за гас е отпуштена, компјутерот целосно го прекинува доводот на гориво во моторот.
Во тој случај, тркалата го вртат моторот, а потрошувачката е буквално нула. Од друга страна, кога менувачот е во лер, моторот мора самостојно да ја одржува минималната брзина на вртежи, за што му е постојано потребно гориво.
Освен што не штеди гориво, оваа навика предизвикува и зголемено абење на клучните делови на возилото. Бидејќи не го користите моторот за да го забавите движењето, целата сила на кочење ја префрлате на системот за сопирање. Тоа доведува до побрзо трошење на дисковите и плочките. Кај автомобилите со мануелен менувач, долгото држење на притиснатото спојување за време на спуштање создава непотребен притисок и може предвреме да го оштети лежајот, чие заменување е комплицирано и скапо.
Главната причина зошто треба да се избегнува возењето во лер е безбедноста. Потпирањето исклучиво на кочниците при спуштање по долги и стрмни падини може да доведе до нивно прегревање и намалена ефикасност, а во екстремни случаи – и до целосно откажување.
Без кочење со моторот, автомобилот неконтролирано забрзува, а управувачкиот систем станува помалку одзивен, што го отежнува безбедното совладување на свиоци и брзата реакција во изненадни ситуации.
Во многу држави ваквото возење е и законски забрането. Иако спроведувањето е тешко, современите автомобили се опремени со уреди за снимање податоци кои, во случај на сообраќајна несреќа, можат да откријат ваков начин на возење и да влијаат на утврдување на вината.
Дополнителен ризик претставува и потребата повторно да се вклучи брзина. Во неочекувана ситуација, како нагло сопирање на сообраќајот пред вас или избегнување пречка, префрлањето од лер во брзина одзема драгоцени секунди. Наглото отпуштање на спојката при голема брзина може да ја дестабилизира колата и да предизвика опасна загуба на контрола.