Дали автомобилите навистина беа поцврсти и побезбедни во минатото, или е само носталгија? Новото тестирање од Американскиот институт за безбедност на автопатиштата (IIHS) даде многу јасен одговор.
За да покаже колку безбедноста на возилата е подобрена во текот на изминатите три децении, IIHS организираше фронтален судир помеѓу Chevrolet S-10 Blazer од 1996 година и сосема нов Chevrolet Blazer од 2026 година. Резултатите покажаа како модерните безбедносни технологии го променија исходот од сообраќајните несреќи.
Тестот беше спроведен според правилата на тестот за умерено фронтално преклопување на IIHS, во кој возилото удира во пречка со брзина од 64 лм/час. Во овој случај, двата автомобили се судрија еден со друг под идентични услови.
Новиот Blazer ја апсорбираше поголемиот дел од енергијата на ударот низ предниот дел на возилото, додека патничкиот простор остана речиси целосно недопрен. Според IIHS, во реална несреќа, возачот би се извлекол со полесни повреди како што се модринки и гребнатини.
Од друга страна, 30-годишниот Blazer покажа колку се промениле безбедносните стандарди. Кабината беше значително деформирана, контролната табла и управувачкиот столб се поместија кон возачот, а воздушното перниче не ја заштити главата како што треба. Наместо тоа, ја удри куклата во брадата и силно ја турна главата назад.
Резултатот не беше неочекуван. Кога беше претставен, Chevrolet Blazer од 1996 година ја доби најниската можна оценка „Poor“ на тестот за фронтална несреќа на IIHS. Новиот Blazer од 2026 година ја доби највисоката оценка „Good“, иако сè уште не ја поминал најновата верзија на тестот воведен во 2022 година, кој дополнително ја оценува заштитата на патниците на задните седишта.
IIHS спроведува креш тестови од 1995 година. За разлика од владините тестови, институтот развива сценарија базирани на несреќи од реалниот живот и податоци од осигурителни компании, со цел да ги охрабри производителите да направат дополнителни подобрувања во безбедноста.
Со текот на годините, тие воведоа нови методи за тестирање, а денес, покрај отпорноста на судир, тие го оценуваат и квалитетот на фаровите, ефикасноста на автоматското сопирање во итни случаи и други системи за активна безбедност.
Според проценките на IIHS, подобрувањата во безбедноста предизвикани од нивните тестови помеѓу 1999 и 2024 година спасиле дури 48.352 животи.
Институтот, исто така, наведува дека овие подобрувања донеле економски придобивки од околу 538 милијарди долари, додека осигурителните компании инвестирале околу 600 милиони долари во финансирање на тестови за судир во истиот период.
За потсетување, IIHS привлече големо внимание уште во 2009 година кога спореди Chevrolet Bel Air од 1959 година со тогашниот нов Chevrolet Malibu во фронтален судир. Овој тест засекогаш го разби митот дека старите автомобили се „цврсти како тенкови“ и покажа колку воздушните перничиња, зоните на деформација и модерната конструкција ги зголемиле шансите за преживување во сообраќајни несреќи.