Југо, автомобилот што ги мобилизираше масите низ поранешна Југославија, би можело наскоро да добие наследник.
Да бидеме прецизни, ново Југо во возна состојба би можеле да видиме за две години, ако му се верува на српскиот претприемач Александар Бјелиќ од компанијата Globo и на графичкиот дизајнер Дарко Марчета.
Тие најавија дека ќе го претстават прототипот на новиот Југо на изложбата EXPO 2027 во Белград.
Бјелиќ воедно е и сопственик на правата на името и моделот Yugo и сака да го заштити тоа име и да го врати на старите патеки на слава. Како што пишуваат медиумите во Србија, Бјелиќ е роден во Германија и никогаш не живеел во поранешна Југославија. Тој е колекционер на класични и спортски автомобили, но и на моделите на Застава. Одлучил да го покрене заштитувањето на брендот Застава со цел да го врати Југо, и тоа не само како бренд, туку и како возило.
Во тоа му помогнал дизајнерот Дарко Марчета и првото Југо би требало да биде подготвен за EXPO 27. „Моделот го претставивме во Минхен на саемот на дизајнери, и тоа беше голем чекор за целиот проект. Добивме позитивни коментари и тоа е мотив да продолжиме понатаму“, истакнува Марчета, пренесува Automobiliona.
Но тоа не е сè. Истата екипа ја обнови и Застава 101, односно популарниот Стокец. Како што наведуваат, се работи забрзано и на тој проект за и тој да се најде на EXPO 2027. Новиот Стојадин би требало да донесе целосно нов дизајн, и однадвор и одвнатре.
За сега се во потрага по фабрика што ќе ги произведува наведените модели. Како опција се споменува и Египет, каде што Застава имала свои погони за склопување автомобили и успешна продукција.
Рецептот е јасен. Новиот Стокец би требало да биде евтин и ценовно достапен, а се планира дури и неговата електрификација. „Следниот чекор се уште два модела. Се преговара со производители што би можеле тоа да го произведат. Изработката на прототипот се врши во Зрењанин“, додава Марчета.
Дизајнот би требало да биде во склад со трендовите, но сепак поскромен отколку, на пример, кај кинеските модели. Моделите така ќе бидат повеќе традиционални.
Медиумите во Србија наведуваат дека е особено интересно тоа што „соседите Хрвати се исклучително заинтересирани за овие модели и во поголемиот дел од нивните портали пишуваат дека Застава се враќа во полн сјај“.