Недостатокот на резервни делови и електрични компоненти значи дека поправките можат да бидат исклучително скапи. Електричните автомобили можат целосно да ја изгубат својата вредност по 10 години, предупредува данскиот експерт Хенрик Бернел од компанијата Fragus, која се занимава со автомобилски гаранции. Недостатокот на резервни делови и електрични компоненти значи дека поправките можат да бидат исклучително скапи.
„Електричните автомобили со текот на времето можат да станат целосно безвредни. Поправките стануваат прескапи“, изјави Бернел за данскиот магазин Motor. Тој нагласува дека во многу случаи трошокот за поправка ќе ја надмине реалната вредност на возилото. Тогаш на возачите ќе им биде поисплатливо да купат нов автомобил отколку да вложуваат во стариот.
Автомобилските компании, според него, прекумерно ги наплатуваат резервните делови, што дополнително ја влошува ситуацијата. Најголем проблем се скапите делови како батериите, кои по истекот на гаранцијата можат да станат практично неисплатливи за замена. Таквите трошоци можат да ја оневозможат продажбата на половни електрични возила.
Дури и помалите делови можат да достигнат вртоглави цени – пример е екранот осетлив на допир, кој за еден електричен модел чинел 4.559 евра, и тоа без вградување. Иако истиот дел се користи и во други возила, не само електрични, останува фактот дека цените на оригиналните делови – било за бензинци, дизели или електрични возила – се екстремно високи.