Xiaomi соопшти дека на 22 мај ќе го претстави својот втор модел – SUV возило со назив YU7. Првично, YU7 требаше да биде претставен во јуни или јули, но Xiaomi одлучи да ја помести премиерата порано, и покрај тоа што Bloomberg неодамна објави дека овој SUV ќе биде одложен. Таа информација беше демантирана од страна на Ванг Хуа, шефот на секторот за односи со јавност во компанијата.
Кинескиот бренд влезе на пазарот на автомобили пред една година со премиерата на лимузината SU7, дизајнирана како ривал на Tesla Model 3, а сега на 22 мај ќе го претстави својот втор електричен модел. Детали за цените ќе открие коосновачот и извршен директор на Xiaomi, Леи Џун.
YU7 ќе биде ривал на освежениот Tesla Model Y, кој беше лансиран во Кина порано оваа година и во март стана најпродаван електричен автомобил во земјата со повеќе од 43.000 регистрирани примероци.
Сепак, во април продажбата на Model Y опадна за 24% во однос на истиот месец претходната година, па падна на третото место со помалку од 20.000 продадени единици. На почетокот од секој квартал, Tesla China дава приоритет на извозот од фабриката во Шангај пред да се фокусира на домашниот пазар.
Првиот модел на Xiaomi – SU7 – во април забележа 28.585 регистрирани примероци во Кина, со што стана четврта најпродавана лимузина во земјата во тој период.
Според достапните информации, YU7 ќе се продава во верзии со еден и со два електромотори. Верзијата со еден мотор ќе нуди автономија од 835, 820, 810 и 725 километри, а добавувачот на батерии е компанијата CATL.
Поголемата батерија има капацитет од 101,7 kWh, со што овозможува домет од 670 до 750 километри.
Втората опција е нешто помала батерија од 96,3 kWh, која нуди домет од 725 до 810 километри.
Димензиите на YU7 се: должина 4.999 mm, ширина 1.996 mm, висина 1.600 mm, со меѓуоскино растојание од 3.000 mm.
Фотографиите кои „протекоа“ на интернет минатиот месец открија дел од ентериерот, вклучително и различна инструмент-табла од онаа кај SU7.
Xiaomi веќе ја лансираше и спортската верзија на својата лимузина под името SU7 Ultra.