Батериите за хибриди чинат трипати повеќе од оние за електрични возила (ЕВ), и покрај падот на цените во 2024 година.

Цената на литиум-јонските батерии падна за дури 20% во текот на 2024 година, според најновата студија на Меѓународната агенција за енергија (IEA). Ова е најголемиот пад на цените од 2017 година. Поефтините батерии значат и поевтини електрични автомобили, а електричните возила остануваат главен двигател на побарувачката за батерии. Падот на цените е резултат на посилна конкуренција, зголемено производство и сè поголем интерес кај купувачите.
Цената на литиумот падна за речиси 20% во 2024 година, иако побарувачката за литиум беше околу шестпати поголема отколку во 2015 година. Падот на цените е забележан на сите пазари, но најизразен е во Кина, која и понатаму ја држи доминантната позиција и во синџирот на снабдување и во технолошкиот развој на батерии. Во текот на минатата година, Кина произведе 80% од сите батериски ќелии во светот. Остатокот доаѓа од САД, ЕУ, Јужна Кореја и Јапонија.
LFP батериите (литиум-железо-фосфат) стануваат сè попопуларни. Сега сочинуваат околу половина од глобалната продажба на батерии, а и тука доминираат кинеските компании. Во Европа во 2024 година се продадени дури 90% повеќе LFP батерии отколку една година претходно.
Студијата открива и интересен податок: батериите за хибридни автомобили се далеку поскапи од батериите за електрични автомобили. Цената по kWh кај хибридите е во просек трипати повисока поради нивната помала големина и поголемите барања за моќност. Така, батерија од 20 kWh за хибрид чини исто колку батерија од 65 kWh за целосно електричен автомобил.
Во 2024 година електричните автомобили глобално потрошиле околу 180 TWh електрична енергија, што е зголемување од речиси 60% во однос на претходната година. Се очекува таа потрошувачка да порасне на 780 TWh до 2030 година, при што Европа ќе игра клучна улога. Тогаш електричните автомобили ќе бидат одговорни за повеќе од 4% од вкупната потрошувачка на струја во Европа.