На саемот SEMA во Лас Вегас, Nissan претстави три теренски концептни возила засновани на моделите Frontier, Armada и Pathfinder. Најрадикалното од нив е Armada Jungle Patrol, кај кое е отстранет покривот и заменет со заштитен кафез.
Јапонскиот производител на овогодинешниот саем прикажа вкупно 6 специјални возила. Покрај еден концепт базиран на моделот Sentra и два модела од серијата Z, претставени беа и три возила дизајнирани за екстремно теренско возење, пренесува Carscoops.
Ким Лес, потпретседател за постпродажба и лојалност на клиентите во Nissan Americas, изјави дека овие концепти им овозможуваат на креаторите да ја покажат својата креативност и да истражат идеи што би можеле да влијаат врз развојот на дополнителна опрема за идните пикап и SUV модели на Nissan – вклучувајќи го и целосно новиот Xterra.
Nissan и претходно има вградувано елементи од концептите прикажани на SEMA во својата сериска понуда, како што е случајот со актуелната серија Rock Creek.
Пикапот Frontier Ronin е опремен со низа додатоци од линијата Nismo Off Road, вклучувајќи заштитни прагови, кровен носач, држач за резервно тркало, дополнително осветлување на предниот дел и на А-столбовите, како и проширени рабови на калниците. Тимот на Nissan исто така изработи нови браници, дизајнирани да овозможат поголемо растојание од подлогата.
Системот за потпирање е целосно преработен. Вклучува амортизери Bilstein Black Hawk M 9400 со можност за прилагодување во 4 насоки, тркачки горни и долни носечки раце, нови главчини на тркалата, продолжени полуоски и специјално изработени носачи за задните амортизери. Возилото е поставено на 17-инчни тркала и е опремено со подобрени, помоќни сопирачки.
Под хаубата се наоѓа стандардниот 3,8-литарски V6 мотор (VQ38DD), но тој е опремен со два турбополнача преземени од моделот GT-R Nismo, систем за управување со моторот ECUTEK и прилагоден систем за довод на воздух. Моќноста на моторот не е обелоденета.
Armada Jungle Patrol претрпе најобемни модификации. Покривот е заменет со црна цевчеста заштитна рамка, а возилото исто така поседува челични цевчести браници, проширени рабови на калниците, странични прагови Nismo Off Road и дополнително осветлување. Внатрешноста е целосно испразнета и опремена со нови седишта во стил на клупа.
Возилото го придвижува фабрички 3,5-литарски V6 мотор со два турбополнача, кој испорачува 437 КС и 700 Nm вртежен момент, а е надополнет со издувен систем Nismo. Armada е поставена на 18-инчни Nismo бандажи со 37-инчни гуми Yokohama Geolandar, а опремена е и со тркачка суспензија со голем од, како и прилагодливи амортизери со надворешни резервоари.
Најдискретен модел е Pathfinder XE-V6, кој претставува почит кон првата генерација од серијата WD21. Се одликува со ретро шема на бои – комбинација од црвена, сива, сребрена и црна – заедно со прилагодени браници и странични прагови, кровен носач, носач за резервно тркало што се отвора на страна, MOLLE панели, витло Warn, голем преносен фрижидер и кровен куфер Nismo.
Го придвижува стандарден 3,0-литарски V6 мотор без турбополнач (атмосферски), кој испорачува 298 КС и 366 Nm вртежен момент, спарен со издувен систем Nismo. Возилото е подигнато за приближно 10 см и е опремено со 18-инчни бандажи на кои се поставени гуми Yokohama Geolandar, наменети за теренски услови и кал.