Бизнис

Автомобилска индустрија: Засега нема отпуштања, само рационализација на производството

4. ноември 2019 - 14:54 | МИА

Скопје, 4 ноември 2019 (МИА) – Со оптимизација на производството и рационализација на трошоците, странските компании од автомобилската индустрија во земјава ќе се обидат да го амортизираат ударот од рецесијата на глобално ниво. Тие не најавуваат отпуштања на вработените и намалување на платите, иако не е исклучено редуцирање на производството за три до пет отсто поради намалените нарачки од партнерите.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, компаниите од автомобилската индустрија ќе се фокусираат на зголемување на продуктивноста, а од Владата бараат намалување на царините за одредени суровини, флексибилност при вработувањата, дефинирање начин за континуирана обука и тренинг на вработените, како и регулирање на постапувањето со отпадот во насока на заштита на животната средина.

– Годинава во светски рамки ќе бидат произведени и купени 4,3 милиони автомобили помалку. Кризата најмногу ќе ја погоди Кина, каде производството ќе се намали за 2,5 милиони, потоа Европа, а најмалку ќе биде афектиран американскиот пазар. И производителите нема да бидат линеарно зафатени. Најголеми ќе бидат последиците кај премиум производителите на возила како Jaguar, Land Rover и Audi.  Некои компании веќе најавуваат намалување на бројот на вработени и отпуштања. BMW, General Motors, Ford, Honda, Fiat, Daimler, веќе го објавија бројот на намалување на вработените. Исто е и со нивните добавувачи. Производителите на компоненти, пак, чие производство е на исто ниво како лани, креираат залихи, истакна претседателот на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство во рамки на Советот на странски инвеститори при Комората, Виктор Мизо.

Но, ова, според Мизо, не значи и дека некој од компаниите во земјава ќе отпушта вработени.

– Не би очекувал драстична криза како во 2007 и 2008 година, но наредните две години ќе бидат прилично интересни. Во секој случај, размислуваме за рационализација на трошоците преку повеќе иновации и зголемување на продуктивноста, истакна потпретседателот на Асоцијацијата, Боријан Борозанов.

Мизо информира дека за две недели, на 18 ноември, е договорена средба со Владата на која ќе се разговара кои барања и сугестии се усвоени. Предлозите и идеите на компаниите, околу 30-40, беа изнесени кон крајот на мај годинава, а се однесуваа на сферата на даноците, образованието, здравството, државната помош, тренингот, обуките.

Трендот на намалување на производството во автомобилската индустрија, односно намалувањето на побарувачката на возила почна пред една година и се проценува дека ќе трае до 2022- 2023. Како што рече Мизо, причините за падот се лоцираат во трговската војна меѓу САД и Кина, несигурноста и неизвесноста што ќе се случи со Брегзит, регулативата од аспект на користењето дизел горива, емисијата на јаглерод диоксид и потребата од електрификација, како и во намалениот економски раст. Дискутабилно е и дали младите денес сакаат да користат возила како пред пет години и на што сакаат да ги трошат парите, дали на автомобили или на нешто сосема друго. 

Коментирај