Концепти

Автономниот концепт на Volvo - повеќе од обичен автомобил

6. септември 2018 - 18:37 | МИА

Гетеборг, 6 септември 2018 (МИА) - Самоуправувачките автомобили треба да го направат нашето секојдневно патување попријатно и потенцијално побрзо. Сепак, Volvo сака уште повеќе да ја развие оваа идеја со својот концепт наречен 360c. Откриен во седиштето на гигантот во Гетеборг, моделот замислува свет во кој автомобилите ќе станат мобилни канцеларии, спални и дури алтернативи на авионите, при пократки растојанија.

Концептот 360c е изграден врз концептот на целосно автономен, електричен автомобил без возач зад воланот. Акцентот е на слободата на дизајнот, која е можна благодарение на недостатокот на волан и мотор со внатрешно согорување и ја преиспитува традиционалната поставеност на патничките седишта во два или три реда.

Концептот нуди четири можности за патување во самоуправувачкото возило и негова употреба како спална соба, мобилна канцеларија, како соба за дневен престој и како место за забава.

„Бизнисот ќе се промени во идните години и Volvo треба да е водечка фигура во оваа промена. Автономното управување ќе ни овозможи да го направиме следниот голем чекор во безбедноста, но, исто така, ќе отвори можност за реализирање на нови бизнис модели и ќе им овозможи на корисниците да го поминат времето во автомобилот така, како што сакаат“, изјави Хакан Самуелсон, претседател и извршен директор на Volvo Cars.

Концептот 360с има амбиција да стане потенцијален конкурент на авиокомпаниите и други снабдувачи на услуги во областа на патувањата по воздух на кратки растојанија. Во САД, на пример, минатата година, преку 740 милиони патници користеле домашни летови.

Најпрометните маршрути, како Њујорк - Вашингтон, Хјустон - Далас, Лос Анџелес - Сан Диего, им одземаат на патниците повеќе време за движење со авион отколку со автомобил, ако се вклучи транспортот до аеродромот, проверките за безбедност и чекањето на летот.

Коментирај