Фудбал

Азар: Лука Модриќ не ми ја дава „десетката“

14. јуни 2019 - 15:59 | А.С.

Новиот фудбалер на Реал Мадрид Еден Азар рече дека уште не знае кој број на дресот ќе го носи следната сезона.

Белгискиот репрезентативец вчера беше претставен на стадионот Сантијаго Бернабеу каде го дочекаа илјадници навивачи.

Азар се појави на прес-конференцијата и претставувањето за навивачите во дрес со неговото презиме, но без број.

Уште претходно се знаеше дека тој ќе сака да ја носи „десетката“ што ја носеше и во Челзи, но во „Кралскиот клуб“ тој број го носи Хрватот Лука Модриќ.

„Го замолив Лука, преку Матео Ковачиќ (хрватскиот репрезентативец кој игра за Челзи), да ми го даде бројот. Секако, на шала. Рече дека нема, па ќе морам да најдам нов број“, рече Азар.

Офанзивниот играч за врска дојде во Мадрид со трансфер вреден околу 100 милиони евра, а потпиша договор на пет години.

Реал моментално има само еден број на располагање за Азар - бројот седум, кој во моментов го носи Маријано Дијаз, кој се очекува наскоро да го напушти Мадрид.

Коментирај