Антиродовите движења се спротивставуваат на она што самите тие го нарекуваат „родова идеологија„ или „родова теорија“. Овие концепти немаат кохерентна дефиниција и покриваат различни теми. Членовите на антиродовите движења вклучуваат десничари, десничарски популисти, конзервативци и христијански фундаменталисти и се противат на некои ЛГБТИК права и на некои репродуктивни права.
Во изминатива деценија - особено по масовните протести на La Manif pour tous во Франција против еднакво право на брак во 2013 година - се организираа зголемен број на групи и иницијативи како отпор кон она што претходно се чинеше дека е неповратен процес на постигнување родова еднаквост и сексуални права во западниот свет (но и на други места). Нивните цели вклучуваат сè од бракот и родовата еднаквост, абортусот, репродуктивните права, сексуалното образование, вклучувањето на родовите аспекти во главните политики и трансродовите права, до политиките за антидискриминација, па дури и самиот поим за пол. Основната идеја што ги поврзува сите овие чинители е поимот „родова теорија“ или „родова идеологија“, кој функционира како сенаменски непријател кој може да се обликува на различни начини за да се вклопи во конкретната цел на политичкиот протест.
Овој отпор низ Европа не треба да се сфати само како продолжение на претходните форми на (конзервативно) противење на човековите права - тие се нови манифестации на отпор, обликувани од нови форми на организација, нови типови на мобилизација и нови дискурси кои се обидуваат да ѝ се обратат на пошироката публика, а не само на традиционалните кругови на конзервативните групи.
Една од најважните цели на антиродовото движење во Европа се државните училишта и образовниот процес. Се пласира идејата дека „родовата теорија се провлекла“ во државните училишта и дека учениците се сексуализирани и им се перат мозоците преку „радикална феминистичка идеологија и хомосексуална пропаганда“. Од овие причини, групи на загрижени родители се организираат низ цела Европа за да протестираат против наводното прекршување на нивното право да ги образуваат своите деца во согласност со нивните религиозни и филозофски убедувања (Кухар, Алеш, 2017).
Во последните неколку децении, терминот род влезе во широка употреба, особено како синоним за пол. Меѓутоа, терминот пол означува анатомска структура, додека родот се однесува на очекуваното, наметнато или усвоеното социјално однесување на половите. Особено кога зборуваме за транссексуалноста и интерсексуалноста, многу е важно да се препознаат и разликуваат овие два поима.
Така, родот најчесто се користи во социјален и културен контекст, со што се разликува од биолошкиот. Човечките индивидуи, како биолошки ентитети, се категоризираат како машки, женски и интерсексуални (содржат биолошки карактеристики кои се типични и за машките и за женските). Меѓутоа, како општествени ентитети, мажите и жените, со карактеристиките на многуте улоги што ги играат во различни општества, како и карактеристиките на многуте одлуки што ги носат во текот на нивниот живот, не може така лесно да се разликуваат. Машките ентитети секако може да живеат, работат или да се однесуваат како девојчиња или жени, без разлика дали тоа е погодно во нивното општество или не, додека женските субјекти може да живеат, работат или да се однесуваат како момчиња или мажи. Овој променлив аспект од нивниот живот е нивниот род.
Постои огромна разновидност меѓу чинителите на антиродовото движење во однос на нивните мотивации, нивните аргументирања, како и нивниот степен на институционализација. И покрај националните, историските и социјалните разлики во развојот и обликувањето на овие движења во Европа, постојат докази за силна транснационална стратешка и финансиска мрежа против заедничкиот непријател: „родовата идеологија“. За да се сумира опозицијата против концептот „род“, се користат неколку термини како „војна против родот“ или „антиродово движење“. И покрај овие разлики во терминологијата, во литературата постои консензус дека имаме работа со транснационален феномен кој користи национални и локални наративи, но останува конзистентен трансгранично.
Борбата против „родовата идеологија“ служи како заеднички именител и екран за проекција за различни политички цели во рамките на движењето. Така, терминот функционира како широка област за проекција за расизам, антисемитизам, хомофобија и трансфобија, етнички националистички идеи како и непријателство кон елитите. Заедничкиот непријател обединува мноштво различни актери како што се десничарските групи, десничарските популистички партии, христијанските фундаменталистички организации, но и буржоаските конзервативци или неолибералните кругови.
Терминот „родова идеологија“ се опишува и како „празен означител“ (Маер, Соер, 2017) и е опишан како „поим за сето она што конзервативните католици го презираат“ (Граф, 2016). Идејата за родовата идеологија научниците ја опишуваат како „морална паника“ или теорија на заговор, бидејќи тврди дека постои тајна кабала која го подрива општеството. Извештајот на Европскиот парламент го поврза подемот на антиродовите движења во Европа со кампањи за дезинформации спонзорирани главно од Русија.
Историчарката Андреа Пето наведува дека антиродовото движење не е форма на класичен антифеминизам, туку „фундаментално нов феномен што беше лансиран за да воспостави нов светски поредок“. Антиродовото движење често го користи терминот „родова идеологија“. Антиродовите активисти може да ги прикажат ЕУ и меѓународните организации како манипулирани од лобисти, како што се американски милијардери, масони, феминистки или Евреи. За да ја промовираат идејата дека родот е странски концепт наметнат од корумпираните елити, тие често го користат англискиот збор „џендер“ (gender), наместо превод на локалниот јазик. Поддржувачите се претставуваат како бранители на слободите на говорот, мислата и совеста против „родовата идеологија“, која ја означуваат како „тоталитаристичка“ (Коредор, Елизабет. С, 2019).
Некои во антиродовото движење сметаат дека „родовата идеологија“ е тоталитарна идеологија, полоша од комунизмот или нацизмот. Ова, наводно, е поттикнато од тајна кабала или странски субјекти (како што се Европската Унија, Светската здравствена организација или Обединетите нации) со цел да се ослабнат, поткопаат или уништат семејствата, Католичката црква, нацијата, или Западната цивилизација. Спорен е степенот до кој антиродовото движење е реакција на настани и други движења, или проактивно движење кое се обидува да создаде општествени промени (Марта Равлушко, 2019). Ханде Еслен-Зија тврди дека антиродовото движење се потпира на она што таа го нарекува „трол наука“ (troll science), што таа го опишува како „(искривени) научни аргументи обликувани во популистички дискурс, создавајќи алтернативен наратив за концепциите за родовата еднаквост. Според Равлушко, антиродовото движење е, делумно, реакција против пренесувањето на власта од демократски избраните национални влади на неизбраните тела за еднаквост и меѓународните организации, како што е Европската Унија, кои бараат промени. Бидејќи овие политики не се одобрени од гласачите или од нивните избрани претставници, тие генерираат демократски дефицит. Таа забележува дека „политиките за родова еднаквост се спроведени без да се вклучи поширока публика или јавна дебата“.
Сепак, Патерноте ја отфрла идејата дека антиродовото движење е реакција, пишувајќи дека идејата е „концептуално погрешна, емпириски слаба и политички проблематична“, бидејќи споредбените истражувања покажаа дека во различни земји, антиродовиот активизам е „подгреан од екстремно различни прашања“. Политикологот Естер Ковач смета дека појавата и успехот на антиродовите движења се симптом на подлабока социоекономска, политичка и културна криза на либералната демократија и реакција на неолиберализмот. На сличен начин, политикологот Биргит Зауер ги нарекува овие движења, меѓу другото, реакција на дерегулацијата, ерозија на социјалната држава и проширување на јазот меѓу богатите и сиромашните. Во журналот LuXemburg во 2018 година, социологот Вероника Грзебалска, политикологот Естер Ковач и историчарката Пето го анализираат поимот род како „симболичен лепак“ на антиродовото движење, кое обединува различни политички и религиозни актери кои инаку не би соработувале едни со други. Тие ја гледаат „родовата идеологија“ против која се мобилизираат овие актери како метафора за несигурноста и неправедноста произведени од неолибералниот социо-економски поредок.
Според двајца политички психолози кои пишуваат за The Conversation, теоријата на заговор придонела за дебата во Полска во 2020 година за „дали пандемијата на коронавирус е казна за родовата теорија“. Истражување на Ipsos од октомври 2019 година покажа дека мнозинството мажи под 40 години во Полска веруваат дека „ЛГБТ движењето и родовата идеологија“ се „најголемата закана со која се соочуваат во 21 век“. Оние кои ја поддржуваат родовата идеологија се делегитимизираат, негирајќи го плурализмот и поткопувајќи ја либералната демократија, на сличен начин како екстремната десница. Лорена Соса, доцент на холандскиот Институт за човекови права, наведува дека антиродовото движење ги оспорува човековите права, како што е заштитата од насилство врз жените, и придонесува за демократска ерозија.
Пето тврди дека „Антиродовото движење не е само уште еден огранок на вековниот антифеминизам... Антиродовото движење е фундаментално нов феномен што беше лансиран за да се воспостави нов светски поредок“. Таа, исто така, тврди дека движењето „е преполно со омраза“ - наведувајќи онлајн вознемирување против родовите истражувачи - и тврди дека тоа „го напаѓа либерализмот, а со тоа и демократијата“. Во 2021 година, филозофката Џудит Батлер го опиша антиродовото движење како фашистички тренд и ги предупреди самопрогласените феминисти да не се здружуваат со такви движења во таргетирање на транс, небинарни и родови луѓе. Во еден труд од 2019 година, Батлер тврди дека „мешањето на дискурсите е дел од она што ја сочинува фашистичката структура и привлечноста на барем некои од овие [антиродови] движења“.
Стенли Коен, во неговата книга „Народните бабароги и моралната паника“ од 1972 година ја внесува моралната паника во теоријата како социолошки концепт, проширувајќи ја нејзината дефиниција и доведувајќи ја во релација со ефектите кои медиумите ги создаваат и одржуваат во општеството.
Во август 2021 година, комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ рече дека антиродовото движење „ги инструментализира постоечките општествени предрасуди и вербално ги напаѓа ЛГБТИ луѓето за да постигнат политички цели за нивна сопствена корист“ и рече дека таргетирањето на „ЛГБТИ луѓето за политички добивката е скапа стратегија која им штети на животите и благосостојбата на засегнатите и ја поткопува социјалната кохезија воопшто“. Комесарката рече дека „со навлегување во политичката сцена, антиродовите движења се сè поповолно позиционирани да ја нагризат заштитата на човековите права во Европа“ и заклучи дека „застанувајќи во одбрана на ЛГБТИ луѓето, го браниме еднаквото човечко достоинство на сите, заштита на благосостојбата на нашите општества и силата на нашиот скапоцен систем за човекови права.“
Би било погрешно да се разберат антиродовите движења ширум светот како едноставен отпор против вклучувањето на родовите аспекти во главните политики, правото на абортус, ЛГБТКИ правата или сексуалното образование, па дури и збирните успеси на поборниците за човекови права за остварување на човековите права за сите. Наместо тоа, во текот на изминатата деценија, гледаме засилено транснационално движење кое се состои од различни актери како Католичката црква, владите и десничарските тинк-тенкови кои се насочуваат кон напорите за развивање и производство на алтернативни норми кои се непријателски на концептот на универзални и неделиви човекови права. Она што го гледаме е високо организирано (но не и централизирано), добро финансирано, транснационално движење кое работи на поткопување на правата на жените, правата на ЛГБТИК+ луѓето и граѓанското општество.
Овие напори не се однесуваат на „родот“ како таков, туку се однесуваат на моќта и на одржувањето или промовирањето на социјалните и политичките хиерархии соочени со нивниот (наводен) пад. Овие напори се одвиваат на улиците низ светот, во локалните и националните влади и на меѓународно ниво. Застапниците за човекови права и прогресивните влади, верувајќи во незапирливиот и телеолошки напредок на човековите права, предолго не ја сфаќаа сериозно заканата и не реагираа соодветно.
Низ светот, постои активно граѓанско општество, како и прогресивни влади кои водат кампања за правата на жените, оние на ЛГБТИК заедницата, против расизмот, како и против десничарскиот и националистички популизам. За жал, овие актери не се толку добро поврзани и финансирани како антиродовите движења. Згора на тоа, не е само потребата да се зајакне соработката помеѓу оние актери кои експлицитно работат за да се спротивстават на антиродовите кампањи - (феминисти и ЛГБТИК чинители, на пример), туку од најголема важност е да се зајакне соработката меѓу нив и оние кои работат на спротиставување на антирасизмот и антидемократските случувања во Европа пошироко. Додека антиродовата кампања успева да ги мобилизира грасрут движењата ширум светот и да навлезе во јавниот дискурс, феминистите и другите активистки за женски права се борат да ја подигнат јавната свест и да мобилизираат поддршка за нивната кауза.
Антиродовите кампањи и чинители се многу подобро финансирани од застапниците за човекови права и еднаквост. Во исто време, клучните државни служби и граѓанските организации се активно дефинансирани или структурно исклучени од можностите за финансирање - финансирањето од ЕУ, особено, е практично недостапно за феминистичките и ЛГБТИК организациите. Во глобален контекст на смалување на просторот за граѓанското општество, резултатот е крајно нееднаков терен за чинителите кои водат кампања за и против правата на политички маргинализираните популации.
Даниела Антоновска, експертка по родова рамноправност и магистер по родови студии, во нејзината книга „Conservative mobilization against progressive gender equality policies“ (2017), укажува дека „политичките сили на власт во земјите во Централна и Источна Европа, таканаречената Нова Европа го изедначија родот со колонијалната моќ на ОН, ЕУ и Западна Европа“.
„Концептот на ‘родова идеологија’ служеше како метафора за сегашниот социо-економски поредок кој не беше во состојба да обезбеди сигурност за масите. Идеологијата на родот беше намерно измислена за да наметне верувања, перцепции и културни вредности сосема спротивни од вредностите на либералната демократија.“
Сеопфатното сексуално образование уште наидува на отпор и бројни студии ги анализирале предизвиците и бариерите за негово спроведување во училиштата, заедно со оние кои го покажуваат неговиот позитивен ефект. Меѓутоа, дебатата ја разгоруваат антиродовите движења кои фатија корен и кај нас, и нивниот дискурс за „родовата идеологија“. Овие групи апелираат на правото на родителите да стават вето на ССО активностите во училиштата. Но, крајната цел на актуелните антиродови мобилизации не е толку да се поткопаат политиките за родова еднаквост, туку самата демократија. Тие водат жестоки и обемно спонзорирани онлајн кампањи против воведување на ССО во училиштата, „поткрепени“ со бројни дезинформации и ширење митови за ССО.
„Приклештувајќи се на различните стравови и фрустрации кај модерниот човек, антиродовите движења креираат успешна социјална мобилизација, поради што ги загрозуваат демократските процеси, здравствените права, образованието, антидискриминацијата, итн. Така, најскорешна последица од антиродовите движења и моралната паника во нашата земја, е задржувањето на статус квото во образованието и предизвикувањето на апатија и раздалечување на јавноста од реалната претстава за трансродовите лица, што резултираше со стопирање на декадната работа на прогресот во нивните права. Досегашната работа и успеси во овие две области се уназадија неколкукратно од страна на лажните апокалиптични сценарија на анти-родовите движења. Заедничкиот именител во овие две области каде се пружи отпор беше категоријата родов идентитет, која овие сили јасно ја негираат. Како резултат на тоа, 2021 година може да се заокружи како година на тапкање во место, за време на што наместо да бележиме прогрес, можеме да се ‘пофалиме’ со: девалвација на новата Концепција за основно образование, негативно етикетирање на воведувањето на изборниот предмет сеопфатно сексуално образование, повлекување на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали за основно и средно образование од собраниска процедура, одложување на донесувањето на новиот Предлог-закон за средно образование – и повлекување на Предлог-законот за матична евиденција од дневен ред во Собранието, со кој конечно ќе се регулираше постапката за правното признавање на родот за трансродовите лица во земјата“, вели Мања Величковска во нејзиниот текст „Последиците од анти-родовите движења врз животите на трансродовите луѓе“ објавен во „Слободен печат“.
Во април годинава, Основниот граѓански суд донесе пресуда против здружението „Од нас за нас“, за сторена клевета против ХЕРА поради континуирано и тенденциозно пласирање лаги и дезинформации за ХЕРА и за сеопфатното сексуално образование (ССО).
„Ваквите тактики и стратегии, кои предизвикуваат неоснован страв и паника кај населението и дополнителна поларизација, се веќе видени и својствени за т.н. антифеминистичко движење во светот кое веќе десетина години активно се бори да го одржи постојниот патријархален поредок и слоевитата нееднаквост меѓу мажите и жените, по цена на основните човекови права и слободи. Оваа пресуда е исклучително важна за нас во справувањето со лажните вести за ССО, на кои им се спротивставуваме и со точни информации за темите што тоа ги опфаќа“, изјави тогаш координаторката за комуникации на ХЕРА, Андријана Папиќ Манчева, во гостување во емисијата „Утрински брифинг“.
Во неодамна објавениот труд „Кој се плаши од родот?“, авторките Ирена Цветковиќ и Мања Величковска од Коалиција МАРГИНИ, меѓу другото, го адресираат и ефектот на антиродовите движења врз поимањето и прифаќањето на сеопфатното сексуално образование.
Истражувањето сумирано во овој труд, во македонски контекст, го опфаќа и дејствувањето на неколку антиродови организации и групи. Во оваа анализа вклучени се текстовите на неколку македонски антиродови иницијативи: „Преземи одговорност“, „Од нас за нас“, „Учебници и настава мора да има“ и „Да го зачуваме бракот и семејството“. Од истражувањето може да се увидат различните нивни фокуси. „Од нас за нас“ е насочена кон мобилизација против родово сензитивното образование и правата на трансродовите лица, додека истовремено претставува една од водечките антиваксерски организации што се застапуваа против задолжителна имунизација на деца и против задолжително носење на маски во училиштата, како дел од мерките за заштита на населението од COVID-19. „Преземи одговорност“ е доминантно насочена кон мобилизација против политиките за унапредување на правата на трансродовите луѓе и ЛГБТИК движењето. Неформалната иницијатива „Учебници и настава мора да има“ е посветена главно на мобилизација против родово сензитивното и сеопфатното сексуално образование, но и кон други клучни аспекти на реформата во образованието, започната во 2020 година. Неформалната иницијатива „Да го зачуваме бракот и семејството“ е концентрирана главно на промоција на религиски и патријархални визии за бракот и семејството и на мобилизација против иницијативите за унапредување на правата на ЛГБТИК заедницата.
„Антиродовите движења најдобро тактизираат на терен со изборниот предмет Сеопфатно сексуално образование, со воведувањето на Родово сензитивното образование, менувањето на наставните содржини и дигитализацијата. Во рамки на дискусиите врзани за овие неколку аспекти прикажана е единствено перспективата на родителите што се задолжуваат да се борат за ослободување на нивните деца од прангите на образовниот систем. Тука се продолжува веќе воспоставениот бинарен однос родител– дете, кој се одржува преку постулатот за заштита на децата од прерана сексуализација и од сексуални насилници. Антиродовите актери се самопрогласуваат за официјални застапници и претставници на обопштената група на ‘загрижени родители’, што го гледаат исполнувањето на родителската улога во неопходното заземање за гласот и способноста на децата да се изјаснат што им е ним потребно“, констатираат авторките и алармирааат дека овие прогласи го надминуваат доменот на виртуелното дејствување.
„Лидерите на антиродовите движења објавуваат фотографии од поднесени барања пред институциите за образование во име на претпоставената невидлива ‘толпа’ на родители што стои зад нив. Тие си земаат за право на збор во име на мнозинството, завивајќи го своето оправдување во неодредени и бледи причини, како примањето на ‘голем број барања од голем број на родители и наставници’. Наспроти портретирањето на државните органи како непристапни и некомуникативни за пошироката јавност, тие се себепретставуваат како непосредни, услужливи и блиски до народот. На овој начин антиродовите движења спречуваат каков било продор на нови знаења, бидејќи сакаат да го задржат статус квото на постоечкиот образован систем, било да е тој застарен или не.“
Што може да се направи и како прогресивните сили би можеле да се справат со овој масовен тренд? Антоновска во нејзиниот труд предлага дека „прво, тие треба да станат, да разговараат, да работат и да се занимаваат со прашањата што ги засегаат најранливите луѓе во општеството. Тие треба да се залагаат за позитивни промени и реформи кои ќе го подобрат социо-економскиот живот и положбата на најпогодените во општеството.“ Понатаму таа укажува дека врската помеѓу победниците и губитниците е неопходна за да се избегне огромниот јаз и создавање на различни класи во општеството.
„Потребен е уникатен европски модел за справување со овие прашања, што е можно поскоро. Од суштинско значење е една нова позитивна и прогресивна парадигма, а во исто време и обновување на единството во овие веќе многу поларизирани општества во Централна и Источна Европа. Кога на дневен ред се прашањата за родовата еднаквост и човековите права, тогаш треба да се случи деполитизацијата. Од друга страна, очигледно беше дека некои општествени групи имаат корист од прогресивните политики за родова еднаквост, додека други беа исклучени и запоставени. Некои жени и феминистки се префрлија во неолибералната парадигма и станаа привилегирано малцинство, додека други станаа структурно угнетени. Потребата за самокритичко испитување на левицата и на некои феминистки е исто така неопходна, бидејќи прогресивната агенда е надвор од националниот и класниот идентитет. Намалувањето на граѓанското општество и на државата има родови последици и треба да се решат нашироко во Европа и сега е време за тоа“, смета Антоновска.
Подобра опција, вели таа, е да се потенцираат критичните прашања наместо да се нагласува идентитетот.
„Важно е да се најде заедничка цел со луѓе кои не се сметаат себеси ниту за прогресивни, ниту за конзервативци, туку за нешто помеѓу. Оние кои најмногу се вклучени во креирањето на контрастратегии за борба против оваа мобилизација против родот се ЛГБТ движењата, групите и организациите, како и феминистките и групите за човекови права.“
Она што таа го нагласува е дека „суштински е да се создаде нов здрав разум наместо акцентирање на разликите“.
„Прогресивните групи треба да вклучуваат феминистки, ЛГБТИК активисти, научници и теоретичари на родот, невладини организации кои работат на агендата за човекови права, како и на родовата еднаквост, политичари и секако нова поширока публика е неопходна за да се убеди пошироката јавност во важноста на агендата за родова еднаквост и човекови права.
Јавноста треба да биде многу добро информирана за концептот на род, родова еднаквост како и за родово сензитивното образование за да се избегне искривување на поимот. Превенцијата од огромно антиродово влијание е важна и може да се направи со поширок публицитет на родовите теоретичари, академската наука за родовите, објаснувајќи го вистинското значење на родот и родовата еднаквост за напредокот на општеството, граѓанското општество и граѓаните воопшто“, поентира Антоновска.