Музичарот Марко Пуришиќ, попознат како Baby Lasagna, утре ќе ја објави новата песна „Catch Me If You Can“, а пред објавувањето на спотот се потсети на своето учество на Евровизија каде го освои второто место со песната „Rim Tim Tagi Dim“.
Пуришиќ во објава на својот Instagram напиша дека Евросонгот е нешто што ќе го памети додека живее, но дека се чувствувал како да не припаѓа таму.
„Чувството на отуѓеност може да биде доста тешко и збунувачки, а песната 'Catch Me If You Can' зборува токму за тоа. Преку неа сакам да претставам како е да се биде аутсајдер и како да се прифати тоа. Правиш сѐ на свој начин и веруваш во својата визија, без оглед на народното мислење, на вкусот на мнозинството и на очекувањата“, наведе тој.
Додаде дека се работи за тоа како да се биде обичен во општество кое се труди да не биде обично и на крајот станува такво.
„Едно големо f*** you за големите очекувања. Искрено се надевам дека ќе најдете мир во песната, некој стих со кој можете да се поврзете. Нешто што ќе ве мотивира и охрабрува. Се гледаме во петок“, напиша тој.
Спотот за неговата песна официјално ќе биде објавен утре, а Пуришиќ претходно изјави дека снимката е малку страшна бидејќи прв пат не ја режира неговата сопруга Елизабета.
„Моравме да се фокусираме на други, лични работи, па решивме да му го довериме целиот процес на Матео. Беше страшно да дозволиме некој друг да има целосна контрола врз креативниот процес и да не знае како ќе испадне сè. За среќа, излезе неверојатно“, рече тој.
Неговата сопруга Елизабета е негов најголем поддржувач во кариерата, а претходно го режираше неговиот спот за песната „Rim Tim Tagi Dim“ со која тој се претстави на Евровизија. Марко и Елизабета се венчаа во октомври по повеќе од три години врска.
Baby Lasagna ќе настапи во Скопје на 26. издание на фестивалот Таксират на 7 декември.