Фудбал

Баерн сака да го задржи на клупата Јуп Хајнкес

11. јануари 2018 - 19:44 | М.Д.

Тренерот на Баерн од Минхен Јуп Хајнкенс повтори дека нема да го продолжи договорот, но управата на клубот сака да го убеди за и следната сезона да остане на клупата.

После првиот дел од сезоната Баерн има 11 поени предност во однос на второпласираниот Шалке, на екипата добро и оди и во Купот на Германија и во Лигата на шампионите, па управата на клубот е задоволна.

Хајнкес во септември по четврти пат се врати во Баерн, а во последниот мандат во 2013 година го предводеше клубот до тројната круна, освојување на првенството, Купот и Лигата на шампионите.

Тој минатиот септември на клупата го замени отпуштениот Карло Анчелоти и од тогаш има само еден пораз, од Борусија Менхенгладбах, а во останатите 15 натпревари Баерн победи.

Хајнкес се врати од пензија во септември кога кажа дека во тежок момент му прави услуга на тимот, но и дека нема да остане по крајот на сезоната.

„Веќе кажав се на таа тема. Не сакам да додадам ништо друго“, изјави 73-годишниот Хајнкес.

Претседателот на Баерн изјави дека враќањето на Хајнкес на клупата на Баерн е вистински добиток за германскиот гигант.

И играчите на Баерн се задоволни од Хајнкес, па останува да видиме дали управата на клубот сепак ќе успее да го премисли овој фудбалски експерт.

Коментирај