Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин наскоро ќе ги почувствува последиците поради директното мешање во претседателските избори во САД во 2020 година, со цел резултатот да биде во корист на неговиот противкандидат Доналд Трамп.
– Ќе ја плати цената, а какви ќе бидат последиците, ќе види наскоро, изјави Бајден за ABC News.
Тој ја даде изјавата по извештајот на разузнавачките служби, во кој се потврдуваат обвинувањата дека самиот Путин стои зад мешањето на Русија во изборите. Русите возвратија дека станува збор за неосновани обвинувања.
Бајден нагласи дека Путин е бездушен, а на прашањето дали смета дека рускиот претседател е убиец, тој одговори „Да, го мислам тоа“.
Истовремено, американскиот претседател потсети дека постојат прашања од заеднички интерес, за кои тие можат да соработуваат, како што е продолжувањето на нуклеарниот договор СТАРТ.