Нашиот Енис Барди постигна прекрасен гол од слободен удар против Ерменија, но фудбалер од Северна Кореја постигна уште подобар гол од подалеку.
Во азиските квалификации за Мундијалот 2026 синоќа на неутрален терен во Лаос репрезентацијата на Северна Кореја го пречека Катар и одигра 2:2 во натпревар со пресврти.
Корејците поведоа, па Катарците до паузата направија пресврт, а во 51. минута на сцена стапи за цел свет непознатиот фудбалер Кан Кук Чол. Изведе слободен удар од 30 и кусур метри и упати бомба кон голот на Катар, чиј голман нема шанси да одбрани.
Инаку, натпреварот се одигра под силен дожд, а по бомбата на Кан следуваше и прекин поради многу вода на теренот.
Натпреварот заврши 2:2, а двете репрезентации по две кола го освоија првиот бод во групата А.
А, Кан има 24 години и наводно настапува за севернокорејскиот клуб Римјонсу. Има и вредност на Transfermarkt, а таа изнесува 350 илјади евра. Игра крило, а може и лево и десно.