Бизнис

Баумер отвори фабрика во Бунарџик, ќе извезува сензорска технологија

31. октомври 2019 - 13:13 | МИА

Скопје, 31 октомври 2019 (МИА) – Напредна сензорска технологија и други полуфабриканти од електрониката ќе се извезуваат на европскиот пазар од фабриката на швајцарски Баумер што денеска официјално стартуваше со работа во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 во Бунарџик.

Инвестицијата во првата фаза изнесува 4,7 милиони евра и 150 нови работни места, со можност за вкупно 500 работни места во натамошниот период. Покрај производствениот капацитет, швајцарскиот инвеститор ќе изгради и развоен истражувачки центар во кој ќе се обучуваат млади инженери. Фабриката во Бунарџик е нивен 39-ти капацитет во 20 држави.

Сопственикот на групацијата Оливер Фитце истакна дека нудат вештини за висока технологија, интересни работни места и одлични услови за работа. Стартувале со локален тим од искусни професионалци кои во иднина ќе го прошират со едукација на мотивирани млади инженери и квалификувани работници. Во првата фаза на изградба, компанијата се концентрира на производство и производствен инженеринг, како и на ЦНЦ производство. Во следната фаза на проширување се планираат тимови за развој на нови производи составени од инженери за хардвер и софтвер, како и специјалисти за ИТ.

На површина од 19 илјади метри квадратни површина, изграден е капацитет од 4 илјади метри квадратни од кои 2.500 за производство, а 600 за развоен центар и администратевиен простор. Покрај тоа, има доволно слободен простор за реализација на идниот раст, наведе Фитце, истакнувајќи дека стартувале со производство во ТИРЗ Скопје 1 по само 18 месеци од одлуката за инвестирање.

Како што потенцираше, технолошко-индустриската развојна зона во близина на Скопје ги исполнува сите услови за зајакнување на позицијата на Баумер на европскиот пазар, а Скопскиот регион располага со високо квалификуван персонал и локациски им овозможува брза достава до клиентите ширум Европа.

- Баумер, посочи на свеченоста премиерот Зоран Заев, е  синоним за квалитет, компетитивност и софистицирани проозводи и решенија според највисоките технолошки стандарди. Како и Баумер така и политиките на Владата се насочени кон поддршка на иновативни концепти, решенија и технологии.

- Компанијата е една од светските производители на сензори, инструменти за мерења, испитување и навигација. Сензорите кои се проиведуваат се клучна технологија и се употребуваат во повеќе индустрии: автомобилската, тешката и лесната индустрија, медицинските науки, авиоиндустријата, мобилните уреди и други области. Има вработени 2.500 лица, а во оваа фабрика тука во која се вложени 4,5 милиони евра во правата фаза ќе вработи 150 граѓани. Посебно радува развојната компонетна и ќе се отворат можности за дополнителни 500 работни места, рече Заев.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, добро е што сега се отвораат капацитети со висока технологија за разлика од порано кога во државата имало само трудоинтензивни. Како резултат на Законот за финансиска поддршка на инвестиците изминатите две години се отворени 30-тина фабрики и 54 илјади нови работни места. Можностите за инвестирање, посочи, се препознаени и од Баумер кои произведуваат сензори, мерни инструменти, опрема за испитување и навигација и се дел од автоматизација на процесите.

- Тие планираат во нашата држава да направат развоен истражувачки центар, каде ќе бидат вработени наши млади инженери од нашите универзитети и кои ќе придонесат за развој на нивната компанија. Тоа е единствениот начин  наместо млади од нашата држава да извезуваме производи, посочи Анѓушев.

Амбасадорката на Швајцарија во државава, Сибил Зутер Техада, исто така потенцираше дека Баумер ќе отвори нови работни места, но и ќе придонесе во пренесување знаење и развој на нови технологии. Швајцарските фирми се познати по тоа што сакаат да инвестираат надвор и исто така очекуваат поволни и што е најважно веродостојни партнери за нови бизниси. Интересот на швајцарските компании за инвестирање во државава се зголеми и има потенцијал за натамошни инвестиции, рече швајцарската амбасадорка.

Коментирај