Регион
И Скопје меѓу најзагадените градови

BBC: Протести и забрана на автомобили поради загадениот воздух на Балканот

16. јануари 2020 - 20:19 | Б.С.Б.

Во градовите ширум јужна Европа нивото на смогот достигна опасни размери покрај сувото и ведро време и недостатокот на посилен ветер, пишува BBC.

Особено внимание во текстот се обрнува на тоа како воздухот е загаден и во Италија и како Италијанците се справуваат со тоа.

За да се намали загадувањето во поголемите италијански градови, вклучително и Рим, привремено е забрането користење на автомобили, мотори и комбиња кои користат дизел мотори. Забраната е само за периодот кога има најголем сообраќаен метеж. Другите возила кои загадуваат во целост се забранети.

Во земјата се воведени посебни мерки со кои во следните денови ќе има околу милион возила помалку на улиците низ градовите. Во најмалку 9 од 13 подрачја во Рим во кои се следи нивото на смогот забележано е загадување кое ја надминува законски одредената граница.

Здруженијата за заштита на животната средина ги обвинуваат властите во Италија поради бавните реакции и наведуваат дека вакви мерки требало да се преземат многу порано. Милано и Торино исто така преземаа слични мерки.

BBC прави осврт и за загадувањето на Балканот. Во градовите низ Босна и Херцеговина луѓето протестираат и бараат итни реакции од владата. Во Сараево владините службеници одржуваат итни состаноци на кои разговараат за мерките за решавање на проблемот со загадувањето.

На локалните жители им се советува да, ако постои можност, заминат на планина каде воздухот е почист. BBC исто така пишува и дека Сараево спаѓа меѓу градовите со најголемо ниво на загадување во последните денови, а меѓу нив исто така се Белград и Скопје.

Во Србија владата вчера одржа итен состанок. Жителите се предупредени да останат во затворен простор и да избегнуваат физички активности, особено луѓето со здравствени проблеми како астма.

Премиерката Ана Брнабиќ за високото ниво на загаденост ги обвини греењето на домаќинствата, како и постарите дизел возила. Најави дека владините мерки за решавање на овој проблем вклучуваат уште построги проверки на емисии на гасови од возилата, подобрување и замена на филтрите на електраните и на подолг временски период- програма за садење дрвја.

Коментирај