Здравје
Ново истражување за аутизам

Бебињата родени со царски рез имаат поголем ризик за развој на аутизам

20. ноември 2019 - 14:15 | Б.С.Б.

Кај децата родени со царски рез за третина е поголем ризикот од развој на аутизам и АДХД нарушувања, покажува ново истражување во Шведска, во кое биле разгледани 20 милиони породувања.

Исто така, во споредба со децата родени по природен пат, кај оние родени со царски рез за 17 проценти е поголем и ризикот од развој на нарушување на вниманието, односно хиперактивноста (АДХД нарушување).

Факт е дека денес насекаде низ светот царскиот рез се извршува почесто од порано, а нова студија во Шведска ги анализираше податоците од 61 истражување и повеќе од 20 милиони породувања. Во студијата учествувале научници од Институтот Каролинска во Шведска, како и истражувачи од Австралија.

Заклучокот е дека кај бебињата родени со царски рез постои зголемен ризик од невроразвојни и психијатриски нарушувања.

Истражувањето покажало дека бебињата родени преку царски рез подоцна имаат поголем ризик од опсесивно-компулсивни однесувања и нарушувања во исхраната.

Една од теориите зошто е тоа така сугерира дека хируршката процедура ги отстранува и здравите бактерии кои се важни за имуниот систем.

„Истражувањето покажало дека породувањата со царски рез може да се поврзат со зголемен ризик од нарушување од спектарот на аутизам и нарушување на вниманието, во споредба со вагиналното породување“, вели авторот на студијата.

Сепак, британски експерти велат дека идните родители не треба да паничат бидејќи ризикот е мал.

„Потребни се уште истражувања кои ќе ја откријат причината за оваа врска и како е тоа точно поврзано со породувањето преку царски рез. Жените кои се породуваат на овој начин не треба да се грижат, бидејќи тоа е безбеден зафат. Во многу случаи дури може да спаси живот и да биде вистинскиот избор и за мајката и за бебето“, вели гинекологот Пет О’ Брајан.

Тој смета дека во студијата не се вклучени бројни фактори кои водат до развој на овие состојби, па затоа резултатите од студијата не покажуваат дека породувањето со царски рез води до аутизам и АДХД.

Коментирај