Фудбал

Бејл го планира пензионерскиот живот: Пат околу светот играјќи голф

19. септември 2019 - 10:18 | Ф.З.

Гарет Бејл уште сега знае што прво ќе направи по пензионирањето. Ќе замине на пат околу светот со 20 пријатели и ќе играат голф на најпознатите терени. И сето тоа на сметка на велшката ѕвезда.

Велшанецот е голем љубител на голф. На пример, додека неговиот Реал играше против Тотенхем на Ауди купот летово, тој не го ни гледаше натпреварот туку играше голф во својата вила во Велс. Не бадијала Тибо Куртоа му го даде прекарот „голферот“.

„Професионален фудбалер сум од мојата 16-та година, се откажав од многу работи заради фудбалот во кој мислам дека имам уште неколку години, но јас веќе размислувам што би направил во првите месеци од пензионирањето“, рече Бејл во гостувањето кај подкастот Football Ramble Calvin на новинарот Мајкл Калвин.

„Имам намера да ги соберам сите мои пријатели и да направиме една голф тура околу светот, да играме на најпознатите терени за голф. Веќе направив пресметка колку би ме чинело, околу 35 илјади фунти по човек“, Велшанецот планира тој да ја части целата тура околу светот.

Кога ќе се помножат тие 35 илјади фунти по човек со 20, бидејќи дваесетина пријатели планира да понесе, Бејл ќе потроши околу 700.000 фунти, односно 790 илјади евра.

Тоа не е проблем за Велшанецот бидејќи играјќи за Реал заработува 15 милиони евра годишно. Може да додаде уште неколку пријатели...

„Фудбалот е мојот спорт број еден, платен сум да играм и секогаш го давам максумумот. Голфот ми е хоби и ми е забавно кога играм голф, ми помага да останам смирен надвор од фудбалот. А голф играат и еден куп други фудбалери“, вели Бејл.

Коментирај