Белата снегулка е кремаста торта која не бара многу труд за да се подготви. Се верува дека бил омилениот колач на Јованка Броз, поради што понекогаш го нарекуваат и Јованкини коцки.

Рецептот го најдовме на YouTube каналот Deda Miletova Kuhinja, каде што можете да најдете различни интересни рецепти од времето на Југославија.
Потребни состојки:
за бисквитот:
- 7 белки
- 1 јајце
- 7 лажици шеќер
- 7 лажици брашно
- 3 лажици млака вода
за кремот:
- 7 жолчки
- 7 лажици шеќер
- 6 лажици брашно
- 1 лажица згуснувач
- 800 мл млеко
- 250 гр маргарин
за преливот:
- 100 мл млеко
- 1-2 лажици рум
за декорација:
- шлаг
- рендано темно чоколадо
Подготовка:
Најпрво одвојте ги белките и жолчките. Изматете ги белките и шеќерот додека не се формира цврста пена. Потоа постепено додавајте брашно, млака вода и едно цело јајце. Смесата истурете ја во сад за печење и печете во загреана рерна на 180 степени.
Температурата можете да ја прилагодите на вашата рерна и проверете со чепкалка за заби за да бидете сигурни дека е печена. Бисквитот мора да остане со светла боја.
Кремот ќе го направите така што ќе ги зготвите жолчките во млекото, ќе додадете брашно, шеќер и згуснувач. Кога смесата ќе стане густа, оставете ја кратко да се излади и додадете го маргаринот.
Врз бисквитот прелијте ги млекото и румот, а кога ќе се натопи кората премачкајте ја со изладениот крем. После тоа изматете го шлагот и посипете со рендано темно чоколадо.