САД и Русија се договорија за безбедна пловидба во Црното Море, што беше една од главните цели на преговорите оваа недела, пишува Skynews.

Се тврди и дека е постигнат договор за мерки кои треба да забранат напади врз енергетската инфраструктура во Русија и Украина.
Вашингтон, исто така, ќе помогне да се врати пристапот на Русија до глобалните пазари за извоз на земјоделски производи и ѓубрива.
Во врска со Украина, САД соопштија дека се согласиле да останат посветени на враќањето на насилно раселените украински деца.
Украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров изјави дека Украина се согласила да „обезбеди безбедна пловидба, да ја елиминира употребата на сила и да спречи употреба на комерцијални бродови за воени цели во Црното Море“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина ќе ги исполни своите обврски од договорот за безбедност во Црното Море, но нагласи дека ќе бара дополнителни санкции доколку Русија не го стори истото.
„Доколку Русите го прекршат договорот, имам директно прашање до претседателот Трамп“, им рече Зеленски на новинарите во Киев. „Ако тие прекршат, еве ги доказите - бараме санкции, бараме оружје“, додаде тој.
Зеленски го нарече договорот за запирање на нападите во Црното Море чекор во вистинската насока, но остана претпазлив.
„Прерано е да се каже дека договорот ќе функционира, но ова беа вистинските состаноци, правилни одлуки и правилни чекори“, им рече тој на новинарите.
„По ова, никој не може да ја обвини Украина дека не се движи кон одржлив мир“, додаде тој.
Од друга страна, актуелниот американски претседател Доналд Трамп претходно го обвини Зеленски дека ги попречува мировните преговори. „Овој човек не сака мир сè додека ја има поддршката од Америка“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, само неколку дена по жестоката средба со Зеленски во Овалната соба.
Зеленски денеска го коментираше и договорот според кој САД ќе ѝ помогнат на Русија да го врати пристапот до светскиот пазар за извоз на земјоделски производи, нарекувајќи го слабеење на санкциите.