Македонската ртепрезентација попладнево летна за Фарските Острови, но во последен момент остана без двајца од напаѓачите откако поради повреди Александар Трајковски и Милан Ристовски отпаднаа.
Двајцата имаат мускулно истегнување поради кое не се во можност да истрчаат на терен ниту в сабота против Фарските Острови, ниту во вторник против Ерменија. На Трајковски токму денеска му е роденден, полни 32 години.
Така, Милевски летна за Торсхавн со 24 наместо планираните 26 фудбалери. Иако двајцата повредени се од нападот, сепак тука се уште петорица напаѓачи, и тоа: Бојан Миовски, Дарко Чурлинов, Лирим Ќамили, Димитар Митровски и Кристијан Трапановски.
Доколку селекторот оцени дека е потребно, ќе упати дополнителен повик до нов напаѓач, но тоа веројатно ќе се случи за натпреварот со Ерменија, бидејќи за оној со Фарски Острови веќе и нема време допрва некој да допатува на архипелагот во Северното Море.
Натпреварот Фарски Острови - Македонија се игра в сабота од 15:00 часот со директен пренос на МРТ1.