Нови проблеми за селекторот Милевски во пресрет на натпреварите од Лигата на нации откако поради повцреда отпаднаа и капитенот Стефан Ристовски и напаѓачот Валон Етеми.

Македонската фудбалска репрезентација денеска ги почнува подготовките за двата последни натпревари од групата 3 во Лига Ц од сезоната 2022/2023 во Лигата нации. В петок гостуваме кај Грузија во Тбилиси а во понеделник дома против Бугарија ја спуштаме завесата од оваа сезона.
Поради повреда веќе е познато дека Дарко Чурлинов нема да биде во составот на селекцијата за двете пресметки, но дополнителни проблеми за селекторот на нашата најдобра репрезентација, Благоја Милевски, се новите две откажувања поради повреда.
Капитенот Стефан Ристовски поради повреда на тетивата и напаѓачот Валон Етеми поради повреда на бутниот мускул, исто така нема да можат да се стават на располагање за овие натпревари. Ристовски викендов воопшто не беше во составот на загрепски Динамо на гостувањето кај Локомотива, исто како и Етеми кој не играше за Истанбулспор против Бешикташ. Ристовски не беше дел ниту од јунските натпревари, исто така поради повреда, што значи дека капитенот во оваа сезона на Лигата на нации нема да одигра нити минута - комплетно ќе ја пропушти.
Од ФФМ информираат дека селекторот подоцна во текот на денот ќе соопшти за дополнителен повик во репрезентацијата.
Македонската репрезентација денеска во 17:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ го има првиот тренинг од подготовките.