Италијанецот од Швајцарија, Џани Инфантино, е реизбран до 2027 година за претседател на ФИФА, функција што ја извршува од 2016 година, без противкандидати и со акламација на 73. конгрес на главното тело на светскиот фудбал одржан денеска во Кигали, главниот град на Руанда.

Инфантино (52), кој беше потврден од делегатите на 211-те земји-членки, би можел да остане на чело на светскиот фудбал до 2031 година, иако статутот на ФИФА предвидува најмногу три четиригодишни мандати, но неговиот прв тригодишен мандат, кој започна во 2016 година, се смета за нецелосен.
„Ве сакам сите“, реагираше шефот на светскиот фудбал на толпата по изборот, пред да го претстави финансискиот извештај во кој ФИФА покажува солидна финансиска рамнотежа, со пораст на приходите од 18% и 45% во текот на циклусот 2019-2022 во споредба со претходните, што ѝ овозможува на ФИФА дополнително да ги зголеми субвенциите за конфедерациите и федерациите.
„Да се биде претседател на ФИФА е неверојатна чест, неверојатна привилегија. Исто така е огромна, огромна одговорност. Навистина сум понизен и трогнат од вашата поддршка. Ви ветувам дека ќе продолжам да ѝ служам на ФИФА, на фудбалот насекаде во светот, на сите 211 членки на ФИФА“, рече новоизбраниот Инфантино.
Главниот проект на Инфантино во следните неколку години ќе биде Светското првенство во 2026 година, чиј домаќини ќе бидат САД, Канада и Мексико, со зголемување од 32 на 48 репрезентации.
Со зголемувањето на фаза по групи од 8 на 12 групи од по 4 репрезентации, Светското првенство ќе скокне од 64 на дури 104 натпревари, што ќенаправи експлозија во приходите од билети и ќе привлече уште повеќе телевизиски куќи.