Здравје

Безглутенската храна го зголемува ризикот од дијабетес тип 2

14. март 2017 - 13:28 | А.С.

Повеќето лекари и стручњаци кои се занимаваат со исхраната ќе ви кажат дека разновидната исхрана е клучна за одржување на здравјето.

Еден од трендовите што се појавија и бележат популарност во изминативе неколку години е безглутенската храна.

Едно најново истражување покажа дека луѓето кои избегнувале или воопшто не јадат храна што содржи глутен се изложени на поголем ризик од заболување од дијабетес тип 2.

Во истражувањето што го спроведоа научници од Harvard биле анализирани здравствените податоци на вкупно 200.000 испитаници во изминатите 30 години.

Според резултатите од истражувањето, луѓето кои ја ограничувале или сосема ја исфрлиле од употреба храната со глутен имаат за 13 отсто поголема шанса да заболат од дијабетес тип 2.

„Сакавме да откриеме дали внесувањето глутен влијае на здравјето кај луѓе кои немаат здравствени проблеми поради кои би избегнувале глутен. Безглутенската храна честопати содржи помалку влакна и други микронутриенти, поради што е помалку хранлива, а честопати и поскапа“, вели доктор Генг Зонг од Школата за јавно здравје при универзитетот Harvard.

Глутенот е протеин што се наоѓа во пченицата, р`жта, јачменот и други сродни житни култури.

Научниците нагласуваат дека алергични или нетолерантни на глутен се само луѓето кои боледуваат од целијакија.

Коментирај