Живот

Бијонсе ефект: Како галериите добиваат нова млада публика?

25. март 2019 - 16:04 | А.С.

Славата продава: тоа е лекцијата што се извлекува од истражувањето што ги опфати најпопуларните уметнички поставки изминатата година.

Во Париз, Бијонсе и Џеј-Зи, во Вашингтон тоа беа Барак и Мишел Обама, а во Лондон посетителите чекаа редици за да ги видат еротските музи на Пабло Пикасо.

Минатата година сјајот на славните, без разлика дали доаѓаше од модниот свет, забавната сфера или историски личности, беше најдобриот начин да се привлече публика во музеите и уметничките галерии.

Во годишното истражување на The Art Newspaper насловено „Art’s Most Popular“ се потврди дека јавноста е најзаинтересирана за имиња што веќе ги знае и препознава.

Исто така, се открива дека Тејт Модерн, националниот музеј на модерна и современа уметност го турна Британскиот музеј од врвот на листата најпосетувани мусеи во Велика Британија за прв пат по девет години. Неговиот успех следи главно благодарение на популарноста на критички пофалената поставка Picasso 1932: Love, Fame, Tragedy.

Истиот ефект беше очигледен во Лувр, во Париз каде одлуката да се организира десетминутна тура посветена на пејачката Бијонсе и нејзиниот сопруг Џеј-Зи кои тука го снимија спотот за синглот „Apeshit“, го зголеми годишниот број на посетители за една четвртина.

Во турата посетителите може да ги видат 17-те уметнички дела прикажани во видеоспотот. Во нив спаѓаат портретот на Афроамериканката Мари Гиљемин Бенуе од 19. век, Крунисувањето на Наполеон (1806-07) на Жак-Луј Давид и „Сплав на медузите“ на Тодор Жерико (1818-19).

Водичот дава кратка историја на делата со што се разјаснува зошто баш тие биле избрани да бидат дел од видеоспотот на популарниот музички пар.

Во Националната галерија на портрети во Смитсонијан во Вашингтон, портретите на Мишел и Барак Обама донесоа еден милион посетители повеќе.

Истражувањето во кое беа опфатени податоци од изминатите 22 години, покажа дека Музејот Викторија и Алберт привлекол рекорден број на посетители – 178.000 повеќе од лани – фокусирајќи се на познати имиња и ликови. Посетителите дојдоа да ги видат поставката „Frida Kahlo: Making Her Self Up“ за познатата мексиканска сликарка, како и изложбата за Вини Пу и за шпанскиот моден дизајнер Кристобал Баленсијага.

Двете најпопуларни поставки во њујоршки Мет во 2018 година беа „Heavenly Bodies: Fashion and the Catholic Imaginations“, изложба во која беа помешани религиска уметност и висока мода (поставката привлече 1,7 милиони посетители) и изложбата „Michelangelo: Divine Draftsman and Designer“.

Со вакви поставки, музеите и галериите привлекуваат нова публика, односно генерации млади луѓе кои сѐ помалку беа заинтересирани за ваков начин на културен живот.

Кон крајот на април, Музејот на дизајн во Лондон ќе ја одбележи 20-годишнината од смртта на режисерот Стенли Кјубрик. На изложбата ќе има различни изложбени простории, тематски поставени според неговите филмови, како „Barry Lyndon“, „2001: A Space Odyssey“, „Full Metal Jacket“, „A Clockwork Orange“, „The Shining“, „Paths of Glory“, „Spartacus“, „Lolita“, „Eyes Wide Shut“ и „Dr Strangelove“.

Додека идеите како турата за Бијонсе во Лувр ги разбранува уметничките кругови со прашањето колку ваквата тура е во корист на уметноста, а колку во насока на непотребен популизам, бројките на крајот на годината покажаа дека можеби е време да се прашаме дали е важно КАКО и ЗОШТО дошле луѓето до музеите и галериите, и да размислиме дека е важно што сепак, дошле.

Коментирај