Бизнис

Бил Гејтс веќе не е ни втор најбогат човек на светот

17. јули 2019 - 15:31 | А.С.

Најбогат човек на светот е сопственикот на Amazon Џеф Безос, а веднаш зад него на листата веќе не е Бил Гејтс.

Основачот на Microsoft е симнат на третото место на Bloomberg Billionaires Index, со искачувањето на Бернар Арно на вицешампионското место.

Арно е главен извршен директор на производителот на луксузни стоки LVMH (LVMHF), под чија контрола се брендови како Louis Vuitton, Christian Dior, Givenchy, Dom Pérignon и Sephora.

Во овие седум години откако се составува индексот на Bloomberg, Гејтс прв пат паѓа подолу од првите две места.

Арно има нето вредност од околу 108 милијарди долари, откако во текот на годинава додаде уште 39 милијарди на своето конто. Основачот на Microsoft и некогаш најбогат човек на светот, вреди 107 милијарди долари.

Двајцата исто така си ги сменија местата и на листата на милијардери на Forbes.

Арно (70) се најде во фокус на медиумското внимание кога вети дека ќе донира 224 милиони долари за реновирање на катедралата Нотр Дам во Париз што беше оштетена во пожар.

Според Bloomberg, Гејтс без проблем би бил на првото место на листата, ако не донира толку многу пари. Софтвер пионерот и филантроп, има донирано повеќе од 35 милијарди долари преку фондацијата Bill & Melinda Gates Foundation.

Шефот на Amazon Џеф Безос уште е на прво место со богатство што се проценува на 125 милијарди долари.

Коментирај