Живот

Бил и Мелинда Гејтс: Трамп повеќе да ги почитува жените и да вложува во сиромашни земји

13. февруари 2018 - 19:02 | М.Д.

Милијардерот и основач на Microsoft, Бил Гејтс и неговата сопруга Мелинда, кои се и светски филантропи, сметаат дека претседателот на САД Доналд Трамп треба да се однесува со повеќе почит кон луѓето, посебно кон жените, како и тоа дека би требало да продолжи со вложувања во посиромашните земји поради „доброто за глобалната безбедност“.

Во отвореното писмо, кое го објавуваат на годишно ниво, и во кое одговараат на прашања поврзани со нивната фондација, Бил и Мелинда Гејтс ги критикувале предлозите на Трамп за намалување на помошта на странските земји, односно порачале дека тој ја има одговорноста да биде добар пример и да ги охрабри сите Американци преку своите изјави и политика.

„Би сакала нашиот претседател подобро да се однесува кон луѓето, посебно кон жените, со многу повеќе почит кога зборува или твитува“, пишува Мелинда Гејтс во писмото.

Во писмото, во кое парот Гејтс одговарал на 10 најнезгодни прашања кои ги добивал во врска со својата филантропска дејност, тие се свртеле и на плановите на Трамп да го намали издвојувањето на средства во борбата против болестите и сиромаштијата во странство.

„Тие напори спасуваат животи и тие ги прават побезбедни и Американците, со тоа што ги прават посиромашните земји постабилни и спречуваат епидемии на болести, пред да се претворат во пандемии. Светот не е безбедно место кога има повеќе болни или гладни луѓе“, порача Бил Гејтс.

Предлогот на Трамп за намалување на фондовите за дипломатија и помош во странство, вчера наиде на отпор во американскиот Конгрес, кога републиканците им се придружиле на демократите во несогласувањето со намалување на она што тие го гледаат како клучни трошоци на „мека моќ“, во време на глобални закани.

Коментирај