Живот

Биолошката причина поради која тинејџерите потешко стануваат рано наутро

5. февруари 2018 - 17:21 | К.З.

Тинејџерите секогаш се обвинувани дека не стануваат рано, секогаш доцнат некаде и многу спијат. Но, научниците велат дека тоа е нешто кое тие не можат да го контролираат, туку се работи за биолошки проблем кој го имаат сите луѓе на таа возраст.

Уште во 2004 година научниците докажаа дека тинејџерите имаат различно биолошко сфаќање за времето. Тоа истражување го проучуваше дневниот 24-часовен циклус на тинејџерите и докажа дека за нив тој почнува многу подоцна во денот, а врвот го достигнува во 20-та година, кога телото на личноста бара најголема количина сон.

По 20-та година, телото веќе почнува да го нормализира дневниот циклус и почнува порано да се буди, додека на 55 години личноста ќе се буди во отприлика истото време како кога имала 10 години.

Новото истражување, пак, спроведено во Минхен, вели дека биолошкото сметање на времето е различно од социјалното сметање на времето. Социјалното сметање на времето се служи со часовници, календари и слично, додека биолошкото сметање на времето се смета преку изложеноста на сонце.

Според научниците кои работеа на него, училишните часови почнуваат премногу рано за тинејџерите да можат да се разбудат и да бидат функционални за работа во утринските часови. Наместо тоа, тие предлагаат дека наставата треба да започне подоцна, за тинејџерите да можат да ги добијат потребните 8-9 часа сон секоја вечер.

Тие советуваат дека луѓето, посебно родителите, треба да го сменат начинот на кој ги гледаат тинејџерите. Наместо да ги обвинуваат за нивното спиење и станување доцна, треба да сфатат дека едноставно општеството не ги третира тинејџерите онака како што треба, туку ги убедува да се навикнат на некои туѓи правила.

Коментирај