Претседателот на бугарскиот Хелсиншки комитет. Красимир Канев, вели во неговата земја е опасно човек да се изјасни дека е етнички Македонец.

Канев гостуваше во денешните вести на Канал 5 каде зборуваше за големиот проблем и дискриминацијата со кои се соочуваат Македонците во соседна Бугарија.
И покрај неколкуте пресуди на Судот за човекови права во Стразбур во корист на македонските здруженија во Бугарија, тамошните власти одбиваат да ги регистрираат, а етничките Македонци ги немаат ниту основните права како посебна етничка заедница.
„Бугарија упорно одбива да ги спроведе одлуките на Судот во Стразбур и тоа е сериозен проблем. Бугарските судови не ги регистрираат македонските здруженија бидејќи не го признаваат македонскиот идентитет. Најсериозниот проблем за Македонците во Бугарија е нивното признавање“, вели Канев.
Хелсиншкиот комитет на Бугарија во неколку наврати регистрирал забрани за мирно собирање на Македонците во близина на Петрич и тоа од страна на самиот градоначалник на овој град.
„Знам луѓе, Македонци, кои се плашат таму каде што работат, особено тие кои работат, дека можат да бидат предмет на малтретирање од своите работодавачи и од своите колеги. Да не ни зборувам за тие кои евентуално би работеле во полиција, државна администрација. Мене ми е тешко да си замислам човек Македонец, во Бугарија, кој јавно се изјаснува како Македонец, да може да работи за бугарската држава. Мислам дека таков човек би имал многу сериозен проблем. Од таа причина, тие луѓе кои јавно се изјаснуваат како Македонци се пред сѐ луѓе кои се со самостојни извори на приход - бизнисмени, пензионери, таков тип на луѓе. Јас до сега не сум видел Македонец кој работи за државна администрација да се изјасни како Македонец“, објаснува тој.
Канев вели дека поради тие причини тешко е и да се открие точниот број на Македонци кои живеат во Бугарија. Поради заплашувањата и притисокот од бугарските власти многумина ниту на попис не се изјаснуваат за Македонци, иако потоа помеѓу нив тоа не го кријат.
„Има луѓе кои не сакаат да се изјаснат како Македонци дури ни во пописот на населението бидејќи се плашат дека доколку го направат тоа би можело да има некакви негативни последици. На првиот демократски попис (во декември 1992, заб. на прев.) имаше околу 10.800 луѓе кои се самоопределија како Македонци. На последниот во 2011 останаа сосема малку, малку повеќе од 1.000. Дури и да се 1.000, и тоа е факт, има такви луѓе кои се изјасниле како Македонци и тоа е еден доказ дека такви луѓе во Бугарија има“, додава Канев.
На пописот од 1992 година во Бугарија точно 10.803 жители се изјасниле дека се етнички Македонци. Десет години подоцна, во 2001 таа бројка се преполовила - 5.071 жител се изјасниле како Македонци. Падот драстично продолжи и во 2011 кога само 1.654 граѓани на соседна Бугарија се изјасниле како Македонци.
Македонското малцинство во минатото беше официјално признато во Република Бугарија и имаше право да го изучува македонскиот јазик и историја, имаше свои театри и организации. Но, по 1963 година, тоа беше прогласено за непостоечко и подложено на асимилација како дел од процесот на создавање на „единствена бугарска социјалистичка нација“, а Македонците беа подложени на организиран и систематски прогон, што испрати стотици луѓе во затворите, а илјадници беа дискриминирани по друг начин.