Поранешниот претседател на ФИФА, за време на чиј мандат во 2010 година Катар ја доби организацијата на Мундијалот 2022, изјави дека „Катар е грешка“ и дека тоа „беше лош избор“.
„Катар е премала земја. Фудбалот и Светското првенство се преголеми за неа“, изјави Зеп Блатер говорејќи за швајцарскиот весник Tages Anzeiger.
Токму Јозеф Блатер беше на чело на ФИФА кога одеше процесот на селекција на кандидатите за домаќин на овој Мундијал, а Катар ги мина сите филтри. Конечно, при финалното гласање, Катар победи и Блатер го прогласи за домаќин на Мундијалот 2022.
Додаде дека во 2012 година ФИФА ги променила критериумите кои дотогаш ги користела за избор на земјите домаќини, откако веднаш почнаа разни сведоштва од градилиштата во Катар каде се кршеа човековите права на увезените работници.
„Оттогаш се земаат предвид и социјалните аспекти и човековите права“.
Блатер, кој 17 години ја водеше ФИФА, беше обвинет за корупција и доби забрана за вршење на дејност во 2015 година. Во јули годинава швајцарскиот суд го ослободи од обвиненијата за измама, а обвинителите вложија жалба на пресудата.
Швајцарецот на крајот изјави дека нема да патува во Катар, туку Мундијалот ќе го гледа во својот дом во Цирих. Светското првенство број 22 ќе почне на 20-ти овој месец, а ќе заврши на 18 декември.