Развојот на автомобилската индустрија во последните неколку години се основа на производство на електрични возила, но изгледа дека BMW нема намера да ги следи трендовите, туку планира да продолжи со работа на нивната најсилна страна – дизел автомобилите.
Дизел возилата веќе со години привлекуваат само критики од светската јавност, посебно по откривањето на „Дизелгејт“ аферата на Volkswagen, па затоа голем дел од светските компании се фокусираа на развој на бензински и електрични автомобили.
Последен пример во низата е германската компанија Porsche, која реши засекогаш да ги исфрли дизел агрегатите од своите автомобили. Меѓутоа, BMW нема слични намери, туку тврди дека има намера и понатаму да произведува автомобили со дизел мотори поради тоа што ги има најдобрите дизел автомобили на пазарот.
„BMW нема намера во блиска иднина да се откаже од производство на возила со дизел мотори. Зошто да се откажеме? Па ние ги произведуваме најдобрите дизел автомобили на светскиот пазар“, изјави Клаус Фрехлин, член на управниот одбор на BMW.
Сепак, од компанијата најавуваат дека решението ќе биде следното: изборот на дизел автомобили да биде сведено на само една верзија. Тоа значи дека наместо сингл, твин или квад-турбо комбинација, набрзо дизел понудата на BMW би можела да биде сведена на само една верзија.