Кошарка

Богдановиќ: Југославија можеше да биде најдобрата спортска нација во светот

13. февруари 2018 - 11:10 | К.З.

Најдобриот хрватски кошаркар, Бојан Богдановиќ, се обиде да им објасни на Американците и на неговите колеги од НБА лигата зошто најталентираните спортисти во Европа доаѓаат од просторите на поранешна Југославија.

Бојан Богдановиќ од поодамна настапува во НБА лигата, а сезонава ја игра најдобрата кошарка откако пристигна во САД, помагајќи му на тимот на Индијана Пејсерс во трката за место во плејофот.

„Фудбал, кошарка, тенис...Секаде сме на врвот. Југославија би доминирала со светскиот спорт доколку не се распаднеше. Џоковиќ беше број 1 во тенис, Хрватите се исто така одлични во овој спорт. Словенија е шампион на Европа во кошарка, а во финалето ја победи Србија. Тоа доволно ви говори. Да останевме заедно, би биле најдобри во сите спортови“, рече Богдановиќ.

Тој ја надополни неговата изјава за освоеното Европско првенство во кошарка на Словенија, давајќи мислење за тинејџерската сензација, Лука Дончиќ.

„Никој не очекуваше дека Словенија ќе се искачи на европскиот трон, но ете, се случи. Мислам дека тоа е добро за нашиот спорт. Тој (Дончиќ) ќе биде првиот пик на драфтот. Има само 18 години, но игра неверојатно зрела кошарка. Ќе видите што тој може од наредната година“, им порача Богдановиќ на Американците.

Кошаркарот на Индијана Пејсерс уште од самиот старт ги отфрли сите споредби помеѓу Лука Дончиќ и покојниот Дражен Петровиќ, идолот на многу кошаркари од Балканот.

„Тие се различни играчи и тешко е да се споредат. Дончиќ е сестран кошаркар, а Дражен беше еден од најдобрите шутери во историјата. Можеме да ги споредиме само според годините. И двајцата беа многу млади кога за првпат се прикажаа на светската јавност, но сите споредби завршуваат тука“, заврши Богдановиќ.

Бојан Богдановиќ е стандарден во составот на Индијана Пејсерс, а е познат и како еден од подобрите шутери во лигата. Оваа сезона тој има просек од скоро 14 поени и 3,2 скока по натпревар.

Коментирај