Боки 13 се сомничи за примање награда за незаконито дејство и за перење пари
Сопственикот на 1тв Бојан Јовановски денеска беше задржан на граничен премин, на барање на Јавното обвинителство.
На денешната прес-конференција закажана во ЈОРМ по објавувањето на веста за задржувањето, обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска соопшти дека Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец се сомничат дека зеле 1,5 милиони евра за да влијаат врз јавен обвинител и да ја олеснат положбата на лице кое е под истрага.
Првоосомничениот наводно го искористил своето влијание кај јавен обвинител, а второосомничениот овозможувал средби со лице под истрага, кое во оваа истрага е сведок.
Првично, осомничените побарале 8 милиони евра од сведокот за да извршат влијание да се запре кривична постапка против него. Откако добиле 1,5 милиони евра, тие се посомневале во доверливоста на лицето и престанале да се сретнуваат со него.
За двајцата осомничени е поднесено барање за определување мерка притвор.
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески рече дека ако има и други лица подложени на вакви дејствија да пријават во Обвинителството.
Коментирај