Њујорк, Париз и Токио веројатно се на вашата листа на градови што мора да ги посетите, но има многу помалку популарни градови кои вреди да се посетат.

Потценетите градови имаат свои предности. Таму има помалку метеж, достапни се и за оние со поплиток џеб, а се многу интересни.
Туристичката новинарка Шараел Колберг решила да спроведе истражување и да открие кој е најпотценетиот град за туристи, а одговорот на тоа прашање го добила од 175 зависници од патувања, кои најмногу испитаници се сложиле дека тоа е Болоња, Италија.
„Болоња е град што ветува и полека станува италијански туристички хотспот што треба да се посети“, вели Том Маршант, основач на луксузната туристичка компанија Black Tomato.
Болоња има многу прекари - Ла Роса („Црвената", поради црвените покриви со ќерамиди), Ла Дота („Учената", поради древниот универзитет во Болоња) и најпознатиот, Ла Граса, („Дебелата“, поради богатата гастрономска понуда).
Еве три главни причини да ја ставите Болоња на списокот за патувања оваа година:
„Болоња веројатно ја има најдобрата гастрономска понуда во цела Италија“, вели Џеф Милер, блогер во Our Passion for Travel. Љубителите на храна можат да ги истражуваат градските пазари на отворено и скриените пастифиции (продавници за тестенини) и да посетуваат ресторани во кои се служат омилените тестенини, како што се тестенини болоњезе и тортелини.
Денот можете да го поминете и во FICO Eatala World, познат и како Disney's World of Food, тематски парк од 20 хектари во Болоња посветен целосно на италијанската кујна.
Или одете на еднодневна екскурзија во регионот Емилија-Ромања, каде што е родена италијанската гастрономија.

„Болоња има одличен пристап до Модена и Парма, и со познати производи како Модена пршута и Пармиџано-Реџано, именувани по нив“, вели Дејвид Хокравен, сопственик на Designed Travel. Хокравен често ги испраќа патниците во локалните фарми, каде што можат да пробаат Модена пршута или да научат за деликатниот процес зад автентичниот балсамико оцет.
Болоња е призната како светско наследство на УНЕСКО поради нејзините 62 километри пасажи и шеталишта. Има и 24 средновековни камени кули, вклучувајќи го и најпознатото обележје на Болоња, Двете кули.
Ен-Мари Кејхил вели дека љубителите на историјата треба да почнат да се искачуваат на кулата Асинели, една од двете кули отворени за јавноста. Таа исто така предлага посета на недовршената базилика Сан Петронио и разгледување на римските урнатини лоцирани под библиотеката во Болоња (можете да ги видите и низ стаклените подови на библиотеката).

Според Маршант, можете да ја обиколите Болоња целосно пеш, што ќе ви заштеди од трошоците за изнајмување автомобил. Доколку сакате да користите јавен превоз, има градски автобус со билет од 1,30 евра.
Маршант вели дека локалните жители се пријателски расположени и дека градот е генерално безбеден, што го прави пријатно место за одмор. А просечната хотелска соба чини под 200 евра по ноќ осум месеци во годината. Се наоѓа во северна Италија, а погодно е да се патува од Болоња до други италијански градови.