Детскиот сон за пронаоѓање на скриено богатство се оствари за еден брачен пар од Њујорк, откако во дворот на својот дом тие пронајдоа метален сеф полн со злато, дијаманти и пари.
Всушност на крај сфатиле дека 52.000 долари, кои исто така ги пронашле во закопаните работи, им припаѓаат на нивните комшии кои биле ограбени пред седум години.
Богатството во својот двор Метју и Марија го пронашле кога изнајмиле работници да им засадат ново дрво.
Тие живеат веќе четири години во тој дом, потполно несвесни за тоа што се крие во нивната градина.
Дури кога елен ги изел остатоците од старото дрво, тие здогледале метална кутија.
„Не сфативме дека станува збор за сеф, мислевме дека внатре има жици од струја“, објасни Метју.
Работниците ја извлекоа кутијата, а внатре се пронајдени златни прстени, како веренички прстен и монети од по 100 долари.
„Беше неверојатно. Внатре имаше и хартија со адресата на нашите комшии. Тропнав на нивната врата и ги прашав дали некој ги ограбил, а тие одговорија потврдно. Госпоѓата беше во шок“, вели Метју.
Грабежот се случил во 2011 година, а комшиите на кои им е вратен накитот не сакаа да го откриваат својот идентитет.