Филм & ТВ

„Breaking Bad“ добива филмско продолжение, Арон Пол се враќа во улогата на Пинкмен

15. февруари 2019 - 11:53 | К.З.

Култната серија „Breaking Bad“ и понатаму е многу популарна, иако престана да се прикажува пред повеќе од 5 години. Авторот на серијата, Винс Гилиген, објави дека веќе работи на филмско продолжение со истиот наслов, во кој ќе се врати еден од омилените ликови на љубителите на „Breaking Bad“, Џеси Пинкмен.

Според информациите кои ги добивме досега, Арон Пол би требало да се врати во улогата на Џеси Пинкмен, а филмот би продолжил онаму каде што застана последната епизода од серијата.

Оригиналните сценаристи веќе почнаа да го пишуваат сценариото за долгометражниот филм, па така заедно со оригиналниот креатор на серијата, Винс Гилиген, на серијата ќе работат уште Марк Џонсон и Мелиса Бернстајн.

Во текот на гостувањето на Брајан Кренстон во емисијата „The Dan Patrick Show“, тој потврди дека ќе работи на филмот „Breaking Bad“, но не напомена дали ќе се појави во улогата на Волтер Вајт или ќе биде само соработник за време на снимањето.

„’Breaking Bad’ беше најдобриот период од мојот живот и едвај чекам да се видам повторно со цела екипа со која работев на серијата“, изјави Кренстон, додавајќи дека не би одбил да се појави во филмот, доколку тоа му биде понудено.

Долгометражниот филм „Breaking Bad“ ќе дебитира на Netflix, a подоцна ќе се прикажува и на телевизиската мрежа AMC.

Коментирај